Мицкоски се жали дека дотациите кон општините се екстремно намалени


Претседателот на ВМРО- ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска се пожали дека и покрај енергетската и економската криза, дотациите кон општините се намалени во споредба со претходните години кога на чело на локалната самуправа биле градоначалници од редовите на СДСМ.

„Погледајте ги трансферите и дотациите кои што оваа власт ги прави во изминативе четири години пред оваа 2022 година, ќе видите дека секоја година започнувајќи од 2018, 2019 следствено 2020, 2021 имаме зголемување на дотациите, дури и во една година тие се 34 милиони евра поголеми од претходната година. Но, тогаш мнозинството градоначалници беа од редовите на СДСМ, и тогаш тие ценеа дека треба дотациите да бидат поголеми“, изјави Мицкоски во Кавадарци одговарајќи на новинарско прашање. 

Тој додаде дека доколку се спореди бројката за 2021 и 2022 година, и покрај тоа што Буџетот е зголемен, дотациите кон општините се намалени од 316 на 312 милиони евра, и покрај тоа што има енергетска и економска криза, како и дека ова ќе биде една тешка и предизвикувачка година.