Мицкоски се занимаваше со СДСМ – партијата била расцепкана на фрагменти
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ изјави ако има предвремени избори неговата партија може да освои и 61 пратеник
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на вечерашниот митинг во општина Аеродром главно се посвети на опозициската СДСМ тврдејќи дека тоа била партија со многу проблеми и дека била фрагментирана. Тој рече дека од кампањата дознале „дека нема ништо поретко и ендемично од тоа да видиш пратеник на СДСМ на митинг на СДСМ, дека подобро било со Левица и ДУИ да се во коалиција отколку сами да одат на избори, дека Венко не го сака Бранко, но Заев не го даваат“, рече Мицкоски.
Тој нагласи дека СДСМ е партија со многу проблеми, која народот ќе ја казни на локалните изборите со жесток пораз.
„Сето ова открива дека СДСМ е партија со многу проблеми, дека се расцепкани на стотина фрагменти, затоа што раководството на партијата гледа како на компанија и инвестиција што треба да се чува затворена, и дека немаат сериозна намера да бидат алтернатива. Ако овде во Скопје освојат едвај триесетина илјади гласови – тоа треба да го гледаат како голем успех“, рече Мицкоски.
Претходно, во Сарај се занимаваше со ДУИ и рече дека на секој митинг го споменувале неговото име по најмалку 15 до 20 пати да спомнат неговото име. Мицкоски одговори и на повиците од ДУИ за предвремени парламентарни избори, при што порача и ако евентуално има, по убедливата победа на локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ ќе освои мнозинство гласови, а можеби и 61 пратеник.
„Замислете да има предвремени парламентарни избори и замислете на тие предвремени парламентарни избори, еве ДУИ да има добар резултат. Со кого ќе прават коалиција, како ќе ја гласаат мојата влада? До пред 5-6 месеци не им чинев, Христијан ваков, Христијан таков, како ќе ја гласаат мојата влада, како ќе бидат мои министри. Еве јас го поставувам тоа прашање, не можат да измислат друг. Еве ние имаме 61, што правиме тогаш? Или ќе заборават? Ќе речат тоа не важи, сега ќе се препакуваме како што тоа го правевме 20 и повеќе години, нашиот личен интерес ќе го ставиме пред сè и ќе си функционираме како да ништо не било. Тоа така не бива“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.