Заев до Мицкоски: Ние објавувавме „бомби“ на прес конференции, не се криевме зад порталии на Заев


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски се спротивстави на тврдењето на лидерот на СДСМ, Зоран Заев дека во Македонија нема веќе прислушкување од државата, давајќи го својот универзален одговор – дека ќе дојде 15 јули и потоа ќе се знае што се случувало во државата, алудирајќи на можноста неговата партија да дојде на власта.

-Ние сите аудио материјали, нелегално прислушувани, ги објавивме јавно, на прес конференција, не се криевме за портали и не пуштавме гласови на трети лица, посочи Заев на разликата од тогашните „бомби“ што ја срушија власта на ВМРО-ДПМНЕ до овие сега.

Мицкоски сепак го повика Заев да ја прошири кривичната пријава за тие кои во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ зеле пари од црногорскиот бизнисмен Миодраг Дака Давидовиќ, инаку афера засновата на една од „бомбите„ со која се алудираше на замешаност на Заев во договарање зделка.

-Не знам за што се организирал тој состанок, веројатно вие знаете. Јас не се спомнувам, не се споменува Христијан Мицкоски, се спомнувате вие. И вие последен пат на дебатата признавте дека сте имале средба со тој господин. Јас тој господин не го познавам. Доколку тој има докази дека дал толкава сума јас го повикувам веднаш да ја проширите кривичната пријава за поткуп, да се расчисти на кому му ги дал парите. Веднаш да ги активирате овие кривични пријави“,  повика  Мицкоски.

На иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ во изборната програма да се проверува потеклото на имотот на политичарите, нарекувајќи го процесот ветинг, Заев му рече дека место тоа подобро да прават  ветинг во партијата.

-Ветинг треба да си направите во партијата. Ветинг да се направи на политичарите за да не влијаат на правосудството? Зошто? Десет пати сум проверуван и јас и семејството. Правосудството мора да го смениме за да дели правда.Недозволиво е да застаруваат предмети, да ги држат во фиоки. Треба да останат само чесните судии и обвинители, рече Заев.

Според него, ветингот во судството создава проблеми и затоа СДСМ излезе со предлогот за негово прочистување, секој индивидуално да одговара ако има пропусти, да им се провери имотната состојба и на судиите и на обвинителите, и да се знае кој е чесен судија, кој не е.

-Комплетна контрола или ревизија ќе направиме на дел од предметите на кои работеле судиите за да откриеме кој како работел и така да им оставиме шанса и простор на чесните. Од нас се очекуваше да направиме европски закони, го направивме Законот за Јавно обвинителство. Ги донесовме сите закони што ни беа обврска и покрај силните опструкции на опозицијата. Сега правдата зависи од самите судии и обвинители, не од нас, ние сме законодавна власт, тие се судска, рече Заев.

-Не може семејствата на политичарите да се возат во „Бентли“, а народот да не може да се скрпи од први до први, а ние да зборуваме за ветинг на правосудството. Треба да им кажете на граѓаните од што се плашите, реплицираше  Мицкоски. Според него, за некој да ја брани сопствената чест, пред се треба да е честит човек,а Заев не може да се пофали со тие особини. На крајот тој порача дека баш би сакал да се види со него повторно по изборите, но на друго место каде што ќе ја докажува својата невиност.

На прашањето зошто се заканува дека првата врата на која ќе тропне како нова власт е таа на Заев и зошто толку лично се поставува кон обвинителите, Мицкоски рече дека тој се понудил да биде првиот чие потекло на имот ќе се провери и логично е вториот да биде Заев. Околу ставот кон Кацарска и Рускоска, тој   го спомена фактот дека реагирале веднаш по допрен глас за, како што рече монструозната исконструирана афера со потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, а не реагирале воопшто околу случаи поврзани со актуелната власт.

Генерално, Заев оцени дека ова ВМРО-ДПМНЕ има иста програма, па и сличен наслов на програмата како претходната на Никола Груевски, посочувајќи ја како  аргумент 11 страна каде што стои најавата за отворање  финансиски зони, исти како во времето на Груевски кои не успеаја.

-Тоа е надвор од правилата на ЕУ, а од друга страна тврдите дека ќе ја внесувате Македонија во Европа. Вие преродбата ја пресликавте, дури и насловот е сличен, рече Заев покажувајќи му ја програмата на СДСМ со зборовите – ова е нашата програма од која можете да учите, чесна и реална. На тоа Мицкоски кажа бисер, дека Заев не може да нуди иднина бидејќи е заглавен во минатото и во времето на претходниот премиер, а дека сфатил и дека не разбира економија и затоа не може да му држи лекции.