Мицкоски се сретнал со контроверзниот бугарски бизнисмен Валканов

Николај Волканов беше втор човек на „Мултигруп“ во времето кога шеф на компанијата беше Илија Павлов


Николај Валканов (лево) на средбата со Христијан Мицкоски и Драган Ковачки

 

Вчера, за време на кампањата во источна Македонија, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се сретнал со контроверзниот бугарски бизнисмен, Николај Валканов. Информацијата за тоа прв ја објави „Инфомакс“, пренесувајќи ги фотографиите од Фејсбук профилот на Драган Ковачки, носителот на изборната листа во ИЕ3.

Според објавата на Ковачки, тој заедно со Мицкоски бил во посета во рудникот ,,Булмак-Злетово“ и информирале за проектите од партиската програма. Тој уште додава дека ВМРО-ДПМНЕ ќе вложи напори за отворање на рудник за бакар, злато и сребро на локалитетите Плавица и Црн врв во општините Кратово и Пробиштип.

Валканов важи за многу контроверзен бизнисмен во Бугарија, потпретседател на поранешната озлогласена компанија „Мултигруп“, кога нејзин прв човек беше подоцна убиениот Илија Павлов. Валканов е сопственик и директор на компанијата „Минстрој“, која е една од водечките во рударството во Бугарија. Во 2016 година таа ги купи рудниците „Злетово“ и „Тораница“.

За Николај Валканов се крена голема врева во бугарската јавност кога во ноември 2022 година претседателот Румен Радев го одликува со највисокиот државен орден „Стара Планина“, кој се дава на луѓе „кои имаат исклучително големи заслуги за Република Бугарија“. Во образложението на указот на претседателот Радев пишуваше дека орденот му се дава на Валканов за „исклучителниот придонес и заслуги за економскиот развој на државата“. Одлуката за орденот на Валканов била потпишана и од тогашниот технички премиер Галаб Донев. Тоа бил втор обид Валканов да го добие ореднот „Стара Планина“. Првиот беше во 2021, за време на владата на техничкиот премиер Стефан Јанев, но бил неуспешен, не поминал во кабинетот.

Бугарската редакција на Радио Слободна Европа тогаш пишуваше дека во доставената официјална биографија на Валканов бил исфрлен делот кога тој беше втор човек на „Мултигруп“, како и никогаш да не бил на таа функција, како да не работел во компанијата. Во 1994 година, Николај Валканов влезе во раководството на компанијата „Топенерџи“. Тоа беше заедничко вложување меѓу „Гаспром“ и „Булгаргас“, во кое подоцна беше вклучен и „Мултигруп“ преку компаниите „Минстрој“ и „Овергас“.

Во времето кога Валканов беше втор човек на „Мултигруп“, нејзиниот шеф Илија Павлов се поврзуваше со неуспешниот атентат на македонскиот претседател Киро Глигоров.