Мицкоски се сретнал со грчкиот амбасадор, разговарале за реформите, но не и за Преспанскиот договор


Христијан Мицкоски и Димитрис Јанакакис (Фото: ВМРО-ДПМНЕ)

ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека нејзиниот лидер, Христијан Мицкоски, денеска се сретнал со грчкиот амбасадор, Димитрис Јанакакис, при што зборувале за претстојните избори како и за „македонската европерспектива и проблемите со кои се соочува нашата држава“. Во соопштението на партијата не се наведува дали Мицкоски и Јанакакис зборувале за Преспанскиот договор и намерата на ВМРО-ДПМНЕ да го ревидира доколку дојде на власт.

Според она што го соопшти партијата, „клучен проблем со кој се соочува Република Македонија, Мицкоски го истакна проблемот со високата корупција, тој напомена дека во нашата држава има низа на неразрешени криминални афери во кои се вмешани највисоките структури на власта. Тој посочи дека неказнивоста на криминалот и корупцијата ја кочи интеграцијата на Македонија во Европската Унија“.

Тој уште посочил дека по 12 април, кога ВМРО-ДПМНЕ, според неговите зборови, ќе победела на изборите и ќе формирала влада, Македонија ќе се најдела на брзата лента за членство во Европската Унија. Двајцата соговорници заклучиле дека е многу важно изборите да бидат фер и демократски.