Мицкоски се сретна со Стармер. Британскиот премиер вели дека разговарале и за мигрантите
Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Лондон се сретна со домаќинот на самитот на Берлинскиот процес, британскиот премиер Кир Стармер. За тоа кусо информираше Мицкоски на неговиот Фејсбук профил.
„Во рамките на посетата на Самитот за Западен Балкан, остварив средба со британскиот премиер, г. Кир Стармер. На средбата разговаравме за продлабочување на билатералната соработка и поддршката на Обединетото Кралство на земјите од регионот. Главата цел е Берлинскиот процес, односно средбите на највисоко ниво кои се одржуваат во текот на денот. Берлинскиот процес го организира лично премиерот Кир Стармер и сериозно сме посветени на реализација на договорот Влада со Влада“, напиша Мицкоски.
Нема ништо повеќе, ниту за идната економска соработка, ниту за планот на Лондон да бидат направени прифатни центри за мигрантите во балканските земји.
Но затоа британскиот премиер открива дека главната тема на самитот биле мигрантите.
„Низ Западен Балкан има криминален автопат, кој ги води нелегалните мигранти директно во Велика Британија. Нашата задача е да го затвориме и да ги разбиеме организираните шверцерски банди што го водат.
Денес ги обединувам земјите за да се справат со овој заеднички предизвик“, напиша Стармер на Твитер.