Мицкоски се сретна со дипломатот Касаноф, претставник за Западен Балкан
Премиерот Христијан Мицкоски, кој вчера присуствуваше на дел од инаугурациските активности на новиот претседател на САД Доналд Трамп што се оддржаа во Вашингтон, денеска остварил средба со Александар Касаноф, помошник-државен секретар на САД за Западен Балкан, кој беше именуван од администрацијата на Џо Бајден и ќе остане на оваа позиција уште извесно време..
Како што информира Мицкоски во објава на неговата Фејсбук страница, во разговорите со Касаноф се осврнале на стратешките прашања од суштинско значење за државава.
„Во рамки на разговорите се осврнавме на стратешките прашања од суштинско значење за Македонија, неопходната поддршка од нашиот долгогодишен стратешки партнер САД, како и на актуелните предизвици со кои се соочува нашата држава и регионот. Европската перспектива на Македонија и нејзината активно изразена улога во рамките на НАТО претставуваат клучни приоритети во нашата стратешка визија за иднината“, наведува Мицкоски во објавата.
Премиерот вчера остварил средба и со претседателот на Републиканската партија на САД, Мајкл Ватли со кого го проследиле поздравниот говор на американскиот претседател Доналд Трамп.