Мицкоски се сокри зад народот, ВМРО-ДПМНЕ не била организатор на 27 април


Христијан Мицкоски поставува лојалисти на клучните функции во партијата
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска сведочеше за настаните од 27 април, 2017 година во Собранието, кога многу новинари и пратеници беа повредени.

Како што истакна Мицкоски пред судот, ниту еден член од неговата партија не бил дел од организацијата при упадот во македонскиот Парламент.

„Народот се самоорганизираше тој ден. На дел од тие протести бев и јас. Протестиравме против погрешните политики и ценам дека е демократско право да изрази револт против определени политички партии и структури. Ниту било кој член на ВМРО-ДПМНЕ е дел од организацијата при упадот“, истакна Мицкоски.

Конкретниот ден Мицкоски рече дека бил на состанок надвор од работното место и на враќање отишол кон Собранието каде веќе имало собрано луѓе да види што се случува.

„Дојдов пред Собранието, но никогаш немав намера да влезам внатре“, рече Мицкоски и додаде дека ова е монтиран политички процес за да нанесе штета на ВМРО-ДПМНЕ и на активистите и членовите на ВМРО-ДПМНЕ.Рече дека вечерта имало Извршен комитет кога тогашниот премиер Никола Груевски се вратил од Виена и тоа бил единствениот негов контакт.

На судењето Мицкоски одговори „ваљда не сум“ на прашање дали можеби е скаран со некој од обвинетите, но по излегување од судницата појасни дека само сакал да внесе малку ведрина на судењето, а е во пријателски односи со сите обвинети.

„Се обидов да бидам вицкаст и да внесам една доза на хумор во судницата, бидејќи за првпат се појавувам во судница како сведок, а не сум бил во својство на обвинет. Чудна атмосфера, многу сериозна, па се обидов да внесам малку ведрина. Инаку да, тоа се сè мои пријатели и не сум со никого замерен, ниту пак имало зошто да бидам“, изјави Мицкоски по судењето.

Како сведок Мицкоски денеска беше повикан од одбраната, откако на минатото рочиште не се појави поради лични причини. Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста”.