Мицкоски: Се разговара и со албански партии да се приклучат на коалицијата


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва по средбата со коалициските партнери, рече дека има комуникација и со други политички партии да се приклучат на коалицијата, а некои од нив, како што кажа, ги видел вчера во друштво на Зоран Заев. Се разговара, потврди, и со албански политички партии, но се уште нема дефинитивен заклучок дали ќе има предизборна или постизборна коалиција со нив.

Во врска со анкетите што излегуваат деновиве за рејтингот на партиите, Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ води со над 100.000 гласа што е многу поразлично од она што тврди Заев дека СДСМ е во предност.

-Вистината е многу поразлична од она што го кажа Заев вчера. Ние водиме со повеќе од 100.000 гласа, но тоа не е доволно. Ние не се бориме за обична победа на овие избори, туку за победа со поголем легимитет за да имаме стабилна влада и стабилно мнозинство кое ќе превенира од каков било политички инженеринг, потенцира Мицкоски.

За сите нас, додаде, ќе биде предизвик да ги мотивираме граѓаните да излезат во што е можно поголем број. Во вториот дел на средбата, која продолжува вечерва, посочи, ќе разговараат за други теми за кои ќе покажат интерес коалициските партнери.