Мицкоски: Се распоредија специјалци како да сум светски терорист


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вечерва на ТВ21 се извини за „грешката“ што во време на епидемија седеше во затворен дел од ресторан со друштво, наспроти мерките што ги воведе владата. Според Мицкоски, пред ресторанот се распоредила цела чета од единицата за специјални единици како да е еден од позначајните светски терористи. Тој  исто така го повтори обвинувањето дека е следен од власта, нагласувајќи дека не секогаш тоа следење е физичко.

– Ги следат базните станици, го мапираат моето движење, тврдеше Мицкоски порачувајќи дека има истрага и дека тие што се дрзнале да преземат такви чекори ќе  бидат санкционирани.

Тој се правдаше дека не ги знаел протоколите бидејќи се менуваат на дневна  основа, но призна дека станува збор за негов личен пропуст, дека се извинува  и е подготвен да преземе одговорност за тоа. Според него, од страна на персоналот на ресторанот не му било укажано дека е забранет престојот внатре.

-Видовте кој ја владее полицијата. Вчера имаше демонстрација на тоа, рече Мицкоски.

Тој исто така тврдеше дека од страна на власта се носат мерки кои не го решаваат проблемот туку го шират дополнително, односно  го забрзуваат ширењето на епидемијата, бидејќи се некоплетни, колку реда ради, за да се добие на време.

-Ја се чувствувам понижено од авторитетите кои ја имаа безусловната поддршка од граѓаните, а ништо не направија, изјави Мицкоски околу одлуката на Бугарија да ги стави нашите граѓани на листата на тие што ќе мора да поминат 14-дневен карантин ако влезат во таа земја.

Тој повика повторно да се распушти Комисијата за заразни болести и тие што не успеаја да се справат со здравствената криза да преземат одговорност.

-Логично беше да дојде до олабавување на мерките кога видовме мини славење во Владата, бидејќи како што рекоа е ставен крај на епидемијата, дека ситуацијата се подобрува. Всушност сите држави така постапуваа кога дојдоа до крај на пандемијата, што е логично, само разликата е што кај нив навистина има крај на епидемијата со корона вирусот, но не и кај нас, рече Мицкоски.

Но, што се случува кај нас, според него, е дека има зголемување на бројот на новоинфицирани, а никој не сносни одговорност.

-Ние цениме дека некој треба да сноси одговорност бидејќи од денот кога се прогласи победа кај нас не само што не се намали кривата, туку таа се исправи и соборуваме рекорди. Многу лоша и алармантна е ситуација. Никој, ама баш никој не сноси одговорност денес. Било кој граѓанин денес да го прашате која мерка, ќе ви каже карантин. Таква одлука донесе и Комисијата за заарзни болести составена од директори на клиники и еден кандидат за пратеник, исто директор на клиника, како и Караџовски кој покажа повеќе политички способности отколку здравствени, рече Мицкоски. Кај нас, додаде Мицкоски, бројката на новозаразени се триплираше или четририкратно се зголеми.

И  покрај тоа, тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ не ги поддржувало мерките ниту за Велигден, ниту за Рамазан Бајрам,  ниту  за Задушница и смета дека власта требало да најде друг начин како да ја менаџира целата оваа ситуација.

Вонредната состојба, оцени Мицкоски, не треба да се носи во зависност од изборите туку од состојбата со епидемијата. Тој тврдеше притоа дек аВМРО-ДПМНЕ  никогаш не ја поддржала уредбата во која стои дека по вонредната состојба почнуваат да течат роковите за избори и дека барале тоа да биде со консензус.

За евентуалните коалициските планови тој порача дека правилото победник со победник веќе не важи туку ново – програма со програма.Последен пат кога СДСМ победил на парламентарни избори е пред 18 години, рече Мицкоски, нагласувајќи дека се родила и израснала цела една генерација без да види нивна победа. Затоа пак уверуваше дека е брутално искрен, дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на изборите и ќе формира влада.