Мицкоски се дистанцира од русофилите во партија, бара декларација за поддршка на Украина


Фото: Б. Грданоски

 

Откако во првото соопштение ВМРО-ДПМНЕ руската инвазија ја нарече „најновата ескалација на конфликтот помеѓу Украина и Руската Федерација“, лидерот Христијан Мицкоски денеска направи отклон од русофилското крило во партијата изјавувајќи целосна поддршка за Украина и побара усвојување декларација за војната во Собранието.

„Македонија е земја создадена од жарот за слобода и правдини и затоа е поддршката за Украина. Во Собранието треба да се донесе декларација за мир во Украина и заштита на нејзиниот интегритет“, рече Мицкоски во Велес при отчетот на вмровските градоначалници.

„Сите ние имаме одговорност пред самите граѓани, и затоа жалам што не можам повеќе да сторам за да го спречам тоа што таму се случува. Кога би можел се би дал да ги убедам тие политичари кои денеска одлучуваат дали некои човечки животи ќе траат подолго, а некои пократко. Мора да им се даде шанса на мирот и дипломатијата, и дипломатските преговори и разговори. Бидејќи тоа е иднината за сите нас“, рече Мицкоски.

Но во продолжение повторно ја нападна СДСМ дека броел лајкови на социјалните мрежи, правел политика кој на која страна бил. Тој побара освен декларацијата за Украина да се донесе и декларацијата за Гоце Делчев.