Мицкоски се дистанцира од Милошоски околу неговите интервенции во Врховен суд

Соопштувајќи дека „бомбите“ за Антонио Милошоски објавени на „Јутјуб“ биле нелегално стекнати материјали, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска се дистанцира од телефонските јавување на високиот функционер на партијата во Врховниот суд, во кои бара поволна пресуда во случајот поврзан со неговиот татко.

„За мене лично е неприфатливо високи официјални лица во државата – политичари, премиери, кој било друг, да интервенираат кај судии, да издејствуваат одлуки на врховни судии каде се носи амнестија, да може да интеревираат преку познанства и пријателства да обезбедуваат, рекетираат средства за финансирање медиуми… Политичарите треба да бидат надвор од интервенциите во судството“, изјави Мицкоски, иако директно не го спомена Милошоски.

Одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција тој објаснуваше дека Милошоски и Заев си имале некои „недокажани работи“. „Најдобро би било, бидејќи бега од мене да излеземе на повторно соочување, барем да прифати со Милошоски да си продискутираат. Ние сме фокусирани на 12 април“ изјави Мицкоски. (Н.В.)