Мицкоски се чуди зошто Османи и натаму е министер по изјавата за резолуцијата
Прашањата покренати во резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ околу преговорите со Бугарија полека се префрлаат на меѓутнички терен. Откако министерот за надворешни работи, Бујар Османи, изјави оти се плаши „дека може од државна со ваква резолуција да преминеме во етничка позиција“, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски возврати со зборовите: „Жалам што тој човек кој ја даде таа изјава, дека резолуцијата е штетна за Македонија, сè уште е министер за надворешни работи“.
Во интервју за „Вечер“ Мицкоски рече: „Очекувам ДУИ да ги надмине своите милитантни однесувања и барем еднаш да застане зад интересот на нивните сограѓани Македонци како мнозинска заедница. Вистински да застане зад новата агенда што ја најави, а тоа е зелената агенда, и наместо химната, знамето и грубото кршење на Уставот од страна на Талат Џафери, да имаме навистина еден вистински државнички и братски однос во државава“.
Претходно Бујар Османи во гостувањето во „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ нагласи: „Постигнавме етнички консензус. Никогаш државата не била вака едногласна. Најголемата грешка што може да ја направиме сега, од една државна позиција која има кредибилитет пред светот, некој сега да ја претвори повторно во етничка“.
Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ што треба да ја усвои Собранието претходно ја прифатија СДСМ, ЛДП, ДС и ДОМ, а Алијансата за Албанците чека како ќе се договорат владејачките партии.