Мицкоски сака да го пресели Министерството за култура во Охрид


Најавувајќи институционална децентрализација, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ вечерва најави дека тоа ќе биде крупна реформа што ја подготвува неговата партија и дека Министерството за култура ќе биде преселено во Охрид. Христијан Мицкоски рече дека не само Министерството, туку планот е и сите државни управи и институции во културата да бидат префрлени во Охрид.

Мицкоски зборуваше во Охрид на трибината „Промоции на политики – Македонија за сите луѓе“ и рече дека децентрализацијата на институциите со коишто ВМРО-ДПМНЕ ќе се зафатело „нема да биде преку ноќ, можеби ќе треба повеќе време, можеби ќе требаат повеќе години, но еднаш засекогаш мораме да почнеме и да го најдеме местото на секое нешто онаму каде што тежи“. Тој го претстави и кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Охрид, д-р Кирил Пецаков.