Мицкоски рече дека Лукровски ќе победел уште во првиот круг во Карпош, ВМРО-ДПМНЕ вели дека ќе има и втор круг


Христијан Мицкоски и Сотир Лукровски

 

Претседателот на партијата ги гледал анкетите и тврди дека во Карпош ќе имало само еден круг на изборите за градоначалник, додека неговата ВМРО-ДПМНЕ мисли поинаку – ќе имало и втор круг.

Какофонија во изјавите на Христијан Мицкоски и претставниците на пратијата. Пред неколку дена, на митинг во скопската општина Карпош, Христијан Мицкоски, зборувајќи за анкетите што ги гледал, рече дека 65 отсто од жителите на Карпош биле незадоволни од работата на градоначалникот Стевчо Јакимовски и дека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, неговиот близок другар, Сотир Лукровски, ќе победел уште во првиот круг.

Денеска, советничката во Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Анета Марковска-Илиевска, во  партиска изјава рече дека ќе имало и втор круг. Дали пристигнале нови анкети во партијата или изјавата на претседателот Мицкоски не била точна, туку за измислени бројки, не е јасно. Но е јасно дека некаде се изгубила координацијата.

Марковска-Илиевска со изјавата сака да добие одговор од кандидатката на СДСМ за Карпош, Маја Мојсова, дали ќе повика да се гласа за Јакимовски во вториот круг, согласно кампањата на нејзината партија за некаква неформална коалиција кај опозицијата.

„Маја Мојсова да каже дали ќе повика да се гласа за Стевчо Јакимовски од црната листа на САД во вториот круг? СДС, Филипче и Заев перфидно ја наместија Маја Мојсова да глуми статист на овие избори, да собере одреден број гласови за да има втор круг во Карпош. Маја Мојсова знае дека губи и знае дека Филипче и Заев се испазариле со Стевчо Јакимовски да му дадат гласови во вториот круг“.

Во Карпош ќе има втор круг, но прашање е кој ќе влезе во него. А ако, на пример, Сотир Лукровски не влезе, дали ќе повика да се гласа за некого во втората рунда.