Мицкоски разочаран, се прашува дали вреди да се занимава со политика натаму


„Се срамам што сум дел од ова политичко мочуриште“, им изјави лидерот на ВМР-ДПМНЕ на новинарите во Собранието

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со Александар Николоски и други членови на партијата, даде изјава на излегување од Собранието во која им се извини на македонските граѓани што мора да се сведоци на ваков „политички циркус“ и дека толку се срами од тоа што се случува денес, што ќе размисли дали во Македонија вреди да се занимава со политика.

Мицкоски рече дека ќе чекаат до полноќ да се појави или јави Кастриот Реџепи и бидејќи не гледа причина да се крие и да го нема во Собранието, се приклучи на сомневањата дека се наоѓа некаде присилно поради што, како што извести, лидерот на Беса, Билал Касами, го пријавил како исчезнат во полиција. Тој дури ги повика претседателот на државата Стево Пендаровски и МВР да кажат каде се наоѓа Реџепи. 

„Ќе почекаме до 24 часот, да видиме дали човекот е жив и здрав. Ако не, ќе бараме одговори од МВР. Ова се методи од 16-тиот век. Се срамам што сум дел од ова политичко мочуриште. Со нокти гребат за да останат каде што се. Не ме чуди СДСМ и ДУИ да направат поголемо мнозинство после ова, од ова што е“, потенцираше Мицкоски и додаде дека предвремени парламентарни избори се решение за излез од кризата.

„Треба да се заедничка опција. Чувствувам жалење што толку се спушти нивото“, појаснува Мицкоски.

На прашањето дали имаат резервна опција, односно дали нема да се обидат да најдат пратеник кој ќе го дополни нивното мнозинство Мицкоски рече:

„Јас вакви методи немам, ниту ми паѓа на памет, ако ова е точно дека пратеникот Реџепи некаде се држи… Се координирав со пратеничката група и ако се потврди уште еднаш трговијата со пратеници, се наметнува прашањето дали вреди човек да се занимава со политика во земјава. Ако се потврди дека Реџепи е држен против своја волја, тоа кај мене предизвикува силно чувство на гадење. Сведоци сме на една ваква циркуска претстава и жалам што народот е сведок на ова. Простете што мора да бидам дел од ваков срам што ние политичарите ви го приредивме. Јас немам такви методи како што имаат СДСМ и ДУИ, да држат во заложништво пратеници и луѓе. Немам сознанија каде е Реџепи. Не ми паѓа на памет да преговарам. Сите кои мислат дека оваа влада е корумпирана и криминална слободно можат да се придружат“, рече Мицкоски.

На оценката на новинарите дека владејачката коалиција сега остана со 59 пратеници, дека ѝ е под прашалник легитимитетот, тој само рече дека нејзиниот легитимитет е паднат одамна. Но, рече тој, имаат тие методи, „нема да ме чуди и да направат ново мнозинство“. Според него, кредибилитетот и угледот на пратеникот денес се на најниски можни гранти од постоењето на демократијата кај нас и на парламентот. 

Изјава по него даде Арбер Адеми, пратеник од ДУИ. Според него, срцето на Кастриот Реџепи лежи во Брисел и Вашингтон; а за „нозете“, односно каде е во моментов, тој ги упати новинарите да го прашаат него лично. Тој не сакаше да коментира дали почнале преговори од власта за формирање ново парламентарно мнозинство.

Потпретседателот,пак, на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, Александар Николоски, ја објасни на Фејсбук  моментална состојба во македонското Собрание.

„60 пратеници ВМРО-ДПМНЕ и коалиција
59 пратеници СДСМ и ДУИ
1 пратеник КИДНАПИРАН“ – напиша тој.

(С.Јовановска)