Мицкоски призна дека се јавувал во МВР околу истрагата за теретаната


Фото: Б. Грданоски

Откако обвинувањата станаа преголеми и политичката штета можеше да биде огромна, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска се реши да обелодени дека навистина му се јавил на дополнителниот-помошник министер во МВР и да потврди дека го направил тоа за да биде забрзана истрагата околу теретаната и  „македонската јавност да ја дознае вистината“. Зборувајќи пред партиското седиште Мицкоски ја објасни целата технологија на настанот.

„Се јавив кај министерот за внатрешни работи Наќе Чулев и го побарав бројот на надлежниот во МВР. Инсистирав тоа да биде кадар којшто е поставен од претходниот министер за да не се испостави дека ние злоупотребуваме нешто во Министерството“.

Мицкоски рече дека се одлучил на тој чекор затоа што се лиферувале информации, а политичкиот противник почнал да го напаѓа.

„Тогаш го добив бројот на именуваното лице. Му напишав порака – тоа е вистина. Пораката беше со следната содржина: ‘Здраво. Би сакал да се слушнеме. Христијан Мицкоски!’“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој соопшти дека „именуваното лице“ му се јавило, оствариле телефонски разговор. „Јас му реков: ‘Ве молам да постапите според закон и ве молам македонската јавност да ја дознае вистината и да биде запазена процедурата. Тоа е она што го барам од вас’“.

Мицкоски тврдеше дека службите го следат и и дека разговорот е снимен, па побара да биде јавно објавен.

Тој уште нагласи дека ќе се јавува секаде и секогаш за „да биде дознаена вистината“, како што тоа го направил со генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, околу превозот на македонските граѓани од странство на почетокот на епидемијата.

На изненадување на новинарите тој потврди дека се познава со Александар Верушевски, синот на Зоран Верушевски кој е советникот за безбедност во Владата. Александар Верушевски беше човекот кој го снимал тајно Зоран Заев на нивниот заеднички ручек летото 2016 година (како што потоа потврди и претседателот на СДСМ). Тие снимки потоа беа објавени на еден проопозициски портал.

„Да, се познавам со Александар Верушевски. Тој е грижлив родител и посветен сопруг. И она што можеби е значајно да го знае македонската јавност – тој е и голем патриот“, рече Христијан Мицкоски. (Н.В.)