Мицкоски: Припадниците на АРМ се луѓето на чиј грб почива државноста


По повод Денот на Армијата – 18 Август претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан  Мицкоски, упати честитка до сите припадници на вооружените сили и на сите граѓани.

– Вие, припадниците на АРМ денес сте луѓето на чиј грб почива државноста и бидете горди на тоа. Честит ден АРМ, вели Мицкоски во честитката.

На денешен ден, посочува тој, пред 77 години на Славеј планина, во славна Дебарца формиран е Баталјонот Мирце Ацев, кој е почетокот на македонското организирано војничко делување во Втората Светска Војна, кога македонските партизани, народ и држава, застанаа на страната на Сојузниците против најголемото зло на 20 тиот век фашизмот.

– Луѓето кои пред 77 години, во виорот на фашизмот не се исплашија и го кренаа својот глас, се нашите херои и луѓето на кои им ја должиме слободата денес, тие се децата и внуците на Илинденците, и тие пред нив, кои се бореа за Македонија, вели Мицкоски во честитката.

Тие стотина луѓе, додава тој, тогаш имаа огромна храброст, а од нивната храброст произлезе државноста.

– Таа храброст е доказ дека фундаментот е пожртвуваноста и посветеноста кон татковината, а таквата посветеност е потребна и денес кога државата се соочува со големи премрежја и предизвици. Да се потсетиме на нивната пожртвуваност, но и да се погрижиме да не биде залудна. Мора да изградиме држава на среќни и задоволни граѓани, се вели во честитката од Мицкоски.