Мицкоски предлага заедно со Бугарија да се донесе резолуција во ЕП за „многувековен македонски јазик“


 

Премиерот Христијан Мицкоски вечерва изјави дека е за Европската унија, но не по секоја цена, но нема одговор што ако Македонија додека е тој премиер не ги почне преговорите и драматично заостане зад другите земји во регионот, особено Црна Гора и Албанија.

Тој даде еден предлог кој изгледа невозможен – самиот бил подготвен заедно со Бугарија, преку  бугарските пратеници во Европскиот парламент, да поднесе резолуција во која„јасно ќе стои македонскиот многувековен посебен идентитет и јазик … и да почнеме да испорачуваме“.

Според него, предлозите „сегашен“ и „модерен“ не се ништо освен асимилација.

„Ако е цената e асимилација, не благодарам, не сакам. Како да бидам политички аналфабет, како некој пред мене, и да прифатам нешто без да знам дека на крајот ќе има јасен крај. Како ќе излезам пред граѓаните? Јас не сакам да ја платам таа цена, мислам дека е преголема, без да има испорака од двете страни. Јас сум политичар со легитимитет добиен од граѓаните … Сите сме за ЕУ и сите сакаме да бидеме во ЕУ, но не по секоја цена. Овој народ и оваа држава дала премногу како никој друг и на граѓаните им е преку глава од таков тип политика „сега или никогаш“ … Се менува нашиот идентитет, од знамето до името, тоа е дел од основните темелни вредности на еден идентитет, атрибути коишто го дефинираат еден идентитет. Една по една, се менуваат“,  рече Мицкоски во емисијата „Само интервју“ на ТВ Канал 5. 

Како што рече, првпат во извештајот на ЕП „се најде македонскиот идентитет и јазик, никогаш досега не се случило откако се објавувале извештаите за напредок на државата“.

Според премиерот, изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев, во која тој вели дека единствениот услов се уставните измени, не е точна, бидејќи „и во Договорот за добрососедство нема никаков услов, а сега де факто имаме“.

„Пред некој ден слушнав изјава од претседателот Радев во којашто вели единствениот услов којшто треба да го направи Македонија е да го смени Уставот. Ние во Договорот за добрососедството немавме никаков услов. Потпишан е договор во којшто Бугарија треба да нѐ поддржува во рамките на процесот на преговори и членство. Па добивме вето, затоа што ние не сме го исполнувале договорот и не сме ги испорачале малцинските права на бугарската заедница во Македонија“, истакна премиерот.

Според Мицкоски, нема „поглупава теорија“ од ставот на опозицијата дека со внесување на Бугарите во Уставот ќе се зацврсти нашиот идентитет. Претходната влада имала избрзани чекори и, како што рече, водела „национално исплакната политика“.

„Денешните изјави на Венко Филипче и акробациите на Зоран Заев во тоа време не се случајност. Тоа е заедничка матрица која никогаш стратешки и на долг рок не ги гледа проблемите што ги остава зад себе со начинот на однесување, а  тоа е националната исплакнатост, политички елементарно и површинско гледање на работите, без суштина и без стратегија“, рече Мицкоски. 

„Оваа политика доби поддршка од половина милион граѓани во оваа држава, трипати повеќе од политиката што ја води опозицијата. Сѐ додека оваа политика добива поддршка – ова е патот. Кога нема да добијам поддршка, кога ќе бидам поразен на избори, ќе дојде оваа другата политика, национално исплакната, со виткање кичми, со ограбување на своите граѓани“, додаде Мицкоски.