Мицкоски ќе го поддржи Пендаровски за прогласување кризна состојба


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција  предложи воведување кризна состојба во целата држава и механизми за помош на стопанството. Христијан Мицкоски предложи власта да организира дополнителна набавка на средства за заштита од корона вирусот, антисептици, маски и ракавици за бесплатна дистрибуција на граѓаните, за шалтерските работници, за работниците, шоферите…

На новинарско прашање дали тоа значи надоврзување на ставот на претседателот на државата Стево Пендаровски за воведување кризна состојба, што тој го кажа пред конференцијата на Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече:

За волја на вистината не сум го слушал пресот на  претседателот Пендаровски, но доколку ова го предлага, да ќе го поддржам. Доколку предлага на лидерска средба и доколку на лидерската средба го предложи ова, да ќе го поддржиме, но ако не предложи ние ќе го предложиме“.

Мицкоски ја остави и подотворена вратата и за одложување на изборите, повторувајќи ги зборовите на Пендаровски дека не е „крај на светот, сѐ треба да се направи, сѐ во насока на заштита на здравјето и функционалноста на системот“.

Тој вели дека треба да се формира стручно тело, експерти за строга контрола на евентуалните злоупотреби со цените на маските и антисептиците. Тој уште предложи и редуцирање на работата на државната администрација и удвојување на човечките капцитети во здравствените установи. Мицкоски предложи државата да ги плати трошоците за вработените во погодените компании од кризата во висина од 50 отсто.

Но, Мицкоски не спомена дали неговата партија размислува за одложување на изборите. Единствено рече дека „по освојување на власта ќе продолжиме уште подинамички да се справуваме со овие проблеми“.