Мицкоски предлага Пендаровски веднаш да прогласи вонредна состојба


Фото: Б. Грданоски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски му предлага на претседателот на државата Стево Пендаровски веднаш да прогласи вонредна состојба за заштита на граѓаните од корна вирусот.

-Апелирам до Пендаровски да прогласи вонредна состојба во Македонија што поскоро и да не се губи време. Да не навлегуваме во правните проблеми, туку да навлеземе во решавање на проблемите на граѓаните и заштита на нивното здравје, рече Мицкоски на денешната прес-конференција пред седиштето  на партијата.

Тој и порача на Владата да не се грижи за ПР, туку за здравјето на граѓаните и нагласи дека  веднаш по прогласување на вонредната состојба да донесе одлуки за заштита на бизнисот и компаниите.

-Неопходно е итно дејство на Владата и носење на одлуки кои подразбираат и посериозни фискални импликации и поголема мобилност на институциите во справување со состојбата на терен. Токму затоа пред 6 дена побарав прогласување на кризна состојба.Од вчера пак се наметна нова дилема и таа дилема е присутна во јавноста за прогласување на кризна или вонредна состојба.Јас побарав воспоставување на кризна состојба затоа што тоа е степен повисоко во сериозноста на пристапот, квалитетот и мобилноста на справување со последиците од Корона вирусот. За разлика од воведувањето на Вонредна состојба во која целата власт се сосредоточува во рацете на еден човек, што ќе се согласите и не е така демократски. Но, ова и во овој случај е секундарно, затоа што е примарно здравјето на граѓаните и итното делување.Ова ќе отвори можност за носење на акти со законска сила кои би можеле да се злоупотребат и е состојба за која иако е уставна материја не е прецизно дефинирана со закон. Се што не е прецизно дефинирано може и да биде злоупотребено, рече Мицкоски.

Според него,  постои дилема за воведување на кризна состојба бидејќи има недостаток на државни ресурси квалитетно и ефикасно да се покрие државата, што е огромен скандал особено ако кризата се продлабочи.

-Поради итноста и алармантноста на состојбите на терен, но и неопходноста да се помогне на граѓаните апелирам денес до претседателот Пендаровски да прогласи според Уставот вонредна состојба во Македонија час поскоро. Да не се губи драгоцено време, а поважно од тоа дали е вонредна или кризна состојба е тоа мерките и помошта да стигне до граѓаните. Да не навлегуваме во правните дилеми, туку да навлеземе во решавање на проблемите на граѓаните. Повторувам, да не навлегуваме во правните дилеми, туку да навлеземе во решавање на проблемите на граѓаните и заштита на нивното здравје и веднаш претседателот Пендаровски да прогласи вонредна состојба. Да не се фокусира владата само на ПР, туку на работа на терен и итно делување, порача Мицкоски.

Илустрирајќи ги последиците досега тој  соопшти дека една странска инвестиција веќе отпуштила една третина од вработените од работа, тврдејќи дека ако не се преземат итно економски мерки може да се доведеме во ситауција вработените да не можат да земат плата.

-Зборувам за колапс на системот, оцени Мицкоски.