Мицкоски: Предавството доаѓа од Македонецот од СДСМ

Според претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, „Владата и Ковачевски прават грешка и испуштаат историска шанса да бидат на вистинската страна“


 

Лидерството на ВМРО-ДПМНЕ се врати на своите стари приказни за патриоти и предавници.

Вечерва претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, изјави: „Моите најголеми грижи се за националните предавства затоа што нема единство за Гоце во парламентот и тоа предавството доаѓа од Македонецот од СДСМ“.

Мицкоски имаше долго обраќање на отчетот на ВМРО-ДПМНЕ за работатата на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ за првите сто дена (тие, според неговите зборови, започнале 1.090 проекти), но големо внимание посвети и на неговите проекции за иднината и политичката ситуација. Според него, владата и премиерот Димитар Ковачевски, биле на погрешната страна на историјата.

Тој рече дека „Владата и Ковачевски прават грешка и испуштаат историска шанса да бидат на вистинската страна. И затоа што на крајот, со откажувањето на прифаќање на декларацијата за Гоце кажуваат дека се подготвени да се откажат и од други важни прашања за нашиот идентитет. Затоа го повикувам народот на будност и дејствување во моментот кога овие ќе одлучат да го распродадат тоа кое што нам ни е најмило“, рече Мицкоски.

Според него, „нашата историја е нашата лична карта, нашето постоење на пркос, пот и крв дадена за она што денес многу лесно се тргува, а многу тешко е спечалено. Не прифаќам фрази каде во привидното решавање на проблемите премиерот ќе каже историјата да ја оставиме на историчарите, а политиката на политичарите. Ние не сме до тука дојдени во овој очај на откажувања и порекнување затоа што историчарите се мешаа во политиката, туку затоа што политичарите не се занимаваа со политика“.

Мицкоски елаборираше дека домот се луѓето во него, но дека неговата партијата го крепела главниот товар во заедничкиот дом. „ВМРО-ДПМНЕ е со народот заедно во тој дом, но го гледам Ковачевски и тие околу него дека се надвор, не го споделуваме истиот товар“. Тој понуди единство „за прашањата кои се важни за нашата татковина и за нашиот дом и сите луѓе во него“.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, сепак, испрати и помирлива порака до политичките опонентни во Владата велејќи дека дава бланко поддршка за заштита на националните интереси на Македонија, посебноста, идентитетот и иднината. „Подготвен сум да ја премостам секоја разлика само Владата да ги заштити националните интереси и таа врата за ова прашање е секогаш широко отворена“, нагласи Мицкоски. (Н.В.)