Мицкоски пред ветераните: Силата на ВМРО-ДПМНЕ не е во имотот туку во народот
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на конференцијата на Унија на ветерани порача дека партијата не е градена врз елити, пари и блескава моќ, туку врз кауза, верба и борба која му припаѓа на народот. Силата на партијата, рече тој, не е во имотот што го има, туку во народот, иако во јавноста се препознава токму обратно. Мицкоски потенцираше дека ветераните на ВМРО-ДПМНЕ ја имаа можноста и честа да бидат првите кои во свои раце го имаа предизвикот да создаваат држава.
– Со сите перипетии, светли и темни страни ВМРО-ДПМНЕ како легитимен наследник на идеите на ВМРО ја имаше неизбришливата трага во создавањето на независната македонска држава. И не е доволна само идејата, туку се потребни и луѓето да ја носат идејата. И тогаш, на почетокот на деведесеттите не беше лесно да си ВМРО-ДПМНЕ затоа што противник беше еден гигант и комунистички апарат граден со децении, проектиран за уништување и разбивање на секоја слободно мислечка идеја која е антипод за она што беше слово за ВМРО-ДПМНЕ своја држава, слобода, институции независност. Генерации Македонци беа жртви на комунистичкиот режим, во таа нималку лесна ниту пак рамноправна битка влегоа првите членови на ВМРО-ДПМНЕ на кои јас оддавам почит. ВМРО-ДПМНЕ не е на еден или двајца таа му припаѓа на народот, и на Македонија, рече тој.
Мицкоски потоа истакна дека не треба да се заборави дека оваа партија е градена не врз елити, пари и блескава моќ, туку врз кауза, верба и борба која му припаѓа на народот.
– Мудроста и силата на ВМРО-ДПМНЕ не е во тоа колку имот поседува, туку во народот, белите глави пред мене, и институционалната меморија за нашата посветеност и борба за Македонија. Оддавам почит за улогата за секој еден член на Унијата на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ. Секој од вас има посебно место и заслуга за развојот на ВМРО-ДПМНЕ. И во име на тоа секако дека заслуга има секој член или поранешен претседател на раководствата на партијата изминатите 34 години, потенцираше Мицкоски.
Тој се осврна и на спорот со Бугарија порачувајќи дека додека тој е претседател на партијата нема да се прифати бугарски диктат. Според Мицкоски, сонот на бугарската државна политика е големобугарска држава на грбот на Македонија што секогаш било поддржано и од руските влијанија, а овој диктат со кој не условуваатсега е продолжение на таа политика. Тој посочи дека повторно по којзнае кој пат Европа е доведена во заблуда од стана на криминални политичари во Македонија и на Балканот икои ги исполнуваат бугарските интереси кои се за жал заложник на руската политика во регионот, додека Македонија и ВМРО-ДПМНЕ отсекогаш во историјата биле и се стремеле и имале прозападна ориентација.
-Мојата порака до меѓународната заедница е да не дозволите уште еднаш да бидете заложници на руските интереси удоволувајќи и на Бугарија за повторно да се обиде да го асимилира Македонецот. ВМРО-ДПМНЕ додека јас сум претседател нема никогаш да поддржи ваков бугарски диктат како што сега е ставен во парламентот, рече Мицкоски.