Мицкоски повторно се сретна со Гренел, разговарале за „Чебрен“
Премиерот Христијан Мицкоски, придружуван од министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, остварија средба со поранешниот директор за национално разузнавање на САД, Ричард Гренел.
„На средбата се дискутираше за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, при што беше истакнато значењето на одржување на мирот, безбедноста, стабилноста и продлабочување на односите и соработката меѓу државите во овој дел од Европа. Посебен акцент беше ставен на односите помеѓу САД и Република Северна Македонија, како и на можностите за нивно дополнително зајакнување.
Во текот на средбата се анализираа можностите за искористување на потенцијалите за идни заеднички инвестиции во проекти значајни за регионот. Во наведениот контекст беше разгледана можноста за евентуално американско учество во енергетскиот проект „Чебрен“, кој има стратешко значење за енергетската независност на земјата.
Премиерот Христијан Мицкоски, изрази посебна благодарност до Гренел за неговата посветеност во градењето на севкупните односи помеѓу двете земји. При тоа истакна дека Владата останува силно посветена кон продлабочување на стратешката соработка, со особено внимание во областите на владеење на правото, економијата и енергетиката“, стои во соопштението на Владата.
Ова е втора средба на Гренел со Мицкоски откако дојде на власт која праќа сигнал дека премиерот „игра на картата на победа“ на Доналд Трамп во САД во ноември, престројување што во овој политички момент е штетно за државата – бидејќи шансите на Трамп да победи стануваат се помали.
Нејасно е исто така дали ова се вистинските теми за кои разговараат Гренел и Мицкоски, бидејќи во САД го гледаат како можен иден државен секретар, но во моментов е бивша политичка фигура која не е овластена да зборува за градење на односи меѓу САД и Македонија. Единствен интерес што може да види Гренел сега во Македонија, освен можни инвестиции за семејството на Трамп, е активирање на „велешката фабрика“ пред изборите и политичко посредништво, т.е. обезбедување индиректна комуникација за Трамп преку Скопје и Будимпешта со Москва.
Гренел остана познат во јавноста кај нас по обидот да издејствува размена на територии меѓу Косово и Србија и на тој начин да го реши спорот меѓу Белград и Приштина, што беше дочекано на нож од ЕУ и пропадна по покренувањето на обвинението против Хашим Тачи од Хаг. Дури планирал локалното езеро да го носи името „Трамп“ ако успее договорот штио сите во Европа го искритикуваа. Контроверзи имаше и околу неговото амбасадорување претходно во Германија откако најави дека има намера да ја зајакнува крајната десница во земјата, поради што беше обвинет дека се однесува како „десничарски колонијален офицер“ место како дипломат и беше изолиран.
Сузан Рајс, поранешен советник за внатрешна политика на претседателот Џо Бајден и поранешен советник за национална безбедност на претседателот Барак Обама, го нарече „еден од најгадните, најнечесни луѓе што некогаш сум ги сретнала“.
Бред Чејс, поранешен деловен партнер на Гренел, кој се скара со него поради неговото преминување во Трампизам, рече дека тој бил „бездушен, бесрамен продавач“. За неговите поддржувачи, Гренел е лојален, неуморен гласник на Трамп, кој ги пренесува барањата на поранешниот претседател со толку ефикасна воинственост што ги задушува противниците.
Според пишувањето на „јапан Тајмс“ Гренел ги поминал изминатите четири години користејќи ги своите балкански контакти за деловни потфати, вклучително и со важен партнер – Џеред Кушнер, зетот на Трамп. Со Кушнер направи планови за луксузен хотел, станбен комплекс и музеј во Белград, главниот град на Србија, на местото на бомбардирањето на НАТО во 1999 година, кое го уништи штабот на југословенската армија. Тој, исто така, развива две други луксузни туристички локации, една на албански полуостров, а друга на медитерански остров во близина на албанскиот брег.
„Работам на проектисо приватен капитал, на кои можам да заработам пари“, рече Гренел во телевизиско интервју во Албанија минатата година. „Никој никогаш не треба да се извинува затоа што сака да заработи пари“. Во текстот натаму стои:
„Врските на Гренел со Балканот одат и преку десничарскиот весник Newsmax, каде што тој е аналитичар и потпретседател за меѓународен развој. Минатата година, Newsmax склучи повеќегодишен договор со Телеком Србија за емитување содржини на Newsmax во Источна Европа. Гренел, исто така, се здружил со трговецот со оружје и поранешен експерт на Newsmax, Џон Кардило, за да ги истражи можностите за производство на муниција на Балканот. Кардило, чија компанија се нарекува M42 Tactical, неодамна беше тужен за наводно прибирање на речиси 200.000 долари што му ги платил украинскиот емигрант, Мајкл Богачек, за да испорача облека за полицијата во Украина, која никогаш не бил испорачана.
Инаку, Гренел ја започна кампањата во 2016 година како жесток критичар на Трамп: Тој го нарече „опасен!“, но го избриша подоцна твитот. Откако Трамп ја освои номинацијата, Гренел стана високопрофилиран платен коментатор на „Фокс Њуз“. Истата година, компанијата на Гренел била платена 103.750 долари главно од фондација финансирана од ултрадесничарската влада на Унгарија за да пишува според нивните интереси“. од сето ова јасно е дека втората средба на Мицкоски со гренел е нешто повеќе од ова што се објавува со соопштение.