Мицкоски повторно на средба со Орбан


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски заедно со потпретседателот Александар Николоски денес во посета на Будимпешта оствари средба со премиерот на Унгарија и претседател на сестринската партија ФИДЕС, Виктор Орбан.

На средбата се разговарало за ЕУ интеграциите на Македонија. Претседателот Мицкоски го истакнал ставовот на ВМРО-ДПМНЕ и на македонскиот народ дека интеграцијата е неопходна, но таа да биде достоинствена и со зачувување на идентитетските обележја на народот.

Забележано било дека Македонија и ЕУ ги очекува најтешката зима во историјата, со големи потешкотии на енергетски план, во снабдувањето со енергенси. Претседателот Мицкоски нотирал дека владата во Македонија не ги прави потребните чекори во справување со енергетската криза, не се обезбедуваат навремено јаглен, мазут, гас и нафтени деривати, туку кога ќе дојде пикот на кризата се даваат големи суми на пари неколкукратно над тоа што можело да се потроши ако на време се обезбеделе истите тие ресурси.

Исто така нотирани биле и предизвиците од мигрантската криза која е проблем како за Македонија, така и за ЕУ.

Од СДСМ реагираа на посетата оценувајќи дека  Мицкоски повторно е во Будимпешта веројатно по нови инструкции од неговиот ментор Груевски, а со единствена цел како да се однесува во овој момент поврзано со барањето за референдум. 

-Мицкоски и Апсиев не успеаја во нивните намери, нивните лаги и црни сценарија пропаднаа. Сега се изолирани во обидите да се создадат нови пречки на европскиот пат на државата, порачаа од СДСМ.