Мицкоски повикува на општ протест против францускиот предлог

Прифаќањето на ваквиот предлог подразбира целосно право на Бугарија да менува учебници, вели Христијан Мицкоски


 

Споменувајќи ги Даме Груев, Гоце Делчев, Јане Сандански… Христијан Мицкоски денеска, во првата реакција по објавувањето на францускиот предлог, ги повика граѓаните утре, сабота, на протест пред Владата за да се „спаси процесот на преговори со Европската унија“. Во објавата за протест тој ги повика луѓето од цела Македонија, но и однадвор, за да се одбранело она што се вика европска вредност.

Според претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, „прифаќањето на ваквиот предлог подразбира целосно право на Бугарија да менува учебници и да ги пишува согласно бугарскиот диктат, а нашите деца во основното образование да учат според бугарскиот дикатат или нема европска иднина. Секој кој како Владата, како Ковачевски, Османи и Маричиќ, ќе ви кажува нешто поинаку, ви кажувам со сиот мој дигнитет и име, не ја говори вистината или да бидам подиректен, ве лаже“.

Мицкоски на прес-конференцијата рече дека во двата документи имало само сменети зборчиња, семантичка инверзија, „кои Владата ни ги кажува како успех“.

Коментирајќи го модификуваниот француски предлог, Мицкоски рече: „Нема да имаме почеток и отворање на кластерот сѐ додека не се случат уставните измени. Јасно стои дека Македонија не може да го почне процесот на преговори сѐ додека не биде поптишан протоколот од втората средба на заедничката меѓувладина комисија која е основана врз основа на чл. 12 од Договорот за добрососедство. Тоа е оној протокол во кој се содржани историјата, културата, сѐ што треба да се направи како измена во нашите учебници“, тврди Мицкоски.

Сето она што го вели Ковачевски, „не е визија, не е стратегија, ниту битка за идните генерација, туку срам, пораз и капитулација што идните генерации ќе ја имаат како грутка во својата душа“, рече Мицкоски и додаде:

„Ваков ултимат за Макакедонија – не благодарам. Сега е моментот кога треба да се биде гласен, јасен, да се заземе вистинска страна. Странаната на Македонија и страната на народот. Оваа Влада прави огромна штета, бидејќи одобрување на ваква рамка значи или во ЕУ асимилирани и бугаризирани или секогаш да останеме надвор од ЕУ. Јас ултиматуми по цена на достоинство на народот не прифаќам и никогаш нема да се согласам на тоа“, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.