Мицкоски повика сите пратеници да го поддржат нивниот предлог за измени на Законот за средно образование
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ги повика пратениците од другите политички партии да го поддржат предлогот на неговата партија за измени на Законот за средно образование, кој го поднесоа во понеделникот, со што ќе им помогнат на матурантите да се измени концептот за државната матура и да се намали бројот на задолжителни предмети кои ќе ги полагаат.
– Очекувам сите политички партии во Парламентот да ги поддржат матурантите, бидејќи матурантите се во право. Можеби на јавноста не и е јасно, но сакам еве и јас, од името на професорите, не од името на политичарите, да ги поддржам матурантите, да го поддржам и наставно-образовниот кадар во основните и средните училишта којшто негодува практично на т.н. реформи што се прават во оваа зграда, рече Мицкоски.
Додаде дека со поддршка на нивниот предлог ќе бидат надминати сите недоразбирања, посочувајќи дека учебната година почнала задоцнето еден месец, не било исполнето ветувањето за скратени содржини, не се одржани часови за повторување и проверка на знаењето, а голем дел од наставниот кадар поради пандемијата бил отсутен од наставата.
– Сето тоа доведе оваа учебна година да биде навистина невозможно да се следи на начин на којшто претходно беше предвидено, изјави Мицкоски и ги повика пратениците сите да се потпишат на нивната иницијатива, да не следат, како што рече, партиски наредби и да не ги прават грешките од минатото.