Мицкоски повика на единство, па жестоко ја нападна опозицијата

Премиерот освен што спомена дека е потребен економски развој, систем и ред, помалку зборуваше за иднината, туку повеќе за политиките на опозиционерите


Премиерот Христијан Мицкоски и министрите пристигнуваат на Мечкин Камен (Фото: Влада)

 

Во говор испреплетен од предизборните обраќања во кампањата и некои ставови по формирањето на владата, премиерот Христијан Мицкоски денска од Мечкин Камен повика на единство на граѓаните и на политичките актери за да се обезбеди напредок на земјата, а во исто време жестоко ја нападна опозицијата, повторувајќи дел од познатите слогани за предавници, пустошење на државате, неразумно богатење и криминал.

Во 25-минутниот говор на прославата на Илинден во Крушево Мицкоски повеќе пати се претставуваше самиот себеси како човек што одлучува (спомена – „јас како лидер“) за најважните работи во државата. Тој ги повтори познатите ставови за преговорите со ЕУ, за двонасочната улица, за потребата да се почитуваат и македонските интереси и желби и повика сите заедно да работат на иднината на Македонија.

Цитирајќи зборови на Гоце Делчев – „Јас не сакам востание со луѓе што ќе ме напуштат при првиот неуспех! Јас сакам револуција со кадарни граѓани подготвени да ги понесат сите искушенија на една долготрајна борба“ – премиерот рече дека во време на глобални предизвици, „нашата борба за зачувување на националниот идентитет и суверенитет е посилна од кога било“.

Според него, најважниот дел од секоја борба е единството. „Забележете ги внимателно зборовите од Крушевскиот манифест кој освен тоа што ја слави слободарската идеја, неговата најголема порака е повикот за единство. Врз тоа единство се градеше Крушевската Република и во име на тоа единство сите го кренаа бајракот на слободата. Вистинското прашање и дилема денес е дали тоа единство постои во состојба кога борбата мора да трае, за да имаме победа.

А денес имаме сериозни обиди за нарушување на тоа единство. Поединци кои си играат со колективните судбини и го продаваат тоа единство“.

Тој ја обвини опозицијата дека покажувала „неописива радост“ околу пожарите и „да се прави политика од колективната несреќа и борбата на сите нас секојдневно да се стават под контрола пожарите во државата. Фрапантното е лицемерието за делење лекции и памет од истите оние кои на Владата и оставија летала за гасење на пожар кои не летаат, без екипаж, институции за спасување без опрема и без било каква организираност“.

Мицкоски рече дека тоа е политика на ниски страсти, која била водена од недостиг на визионерство, „конфликтите внатре сакаат да ги пренесат надвор, нивните проблеми да станат проблеми на нацијата и давењето во калта во која сакаат сите да нѐ повлечат“. А тоа е нешто кое нема да го дозволам“, нагласи премиерот.

Тој им оддаде почит на пожарникарите и рече дека работите мора да се држат под контрола.

Потоа се наврати на омилените теми од кампањата:  

„Тоа што ќе се менуваат работите не им одговара на оние кои со децении ја краделе оваа држава, се однесувале како моќници, се заканувале, се богателе на грбот на граѓаните. Не им одговара на сите оние кои научија дека овде нашата татковина не може да биде земја за едни е мајка, за други маќеа, таа е заедничка татковина.

Мора да ставиме ред, бидејќи кога нема систем постои мито и корупција“.

И повторно се осврна на самиот себеси:

„Оние кои ме знаат, знаат дека сум човек кој држи до својот збор. Пред вас дадов завет дека мојата татковина е моето семејство и дека ќе се грижам за неа како да се грижам за своето семејството“.

Премиерот Мицкоски ја обвини опозицијата дека покажувала „неописива радост“ околу пожарите (Фото: Влада)

Мицкоски на Мачкин Камен, едно од најсветите места во македонската историја, рече дека се „направени големи национални предавства. Но, ќе се носиме достоинствено со овие проблеми и ќе градиме принципиелни односи помеѓу рамноправни партнери, а не помеѓу господари и поданици“.

Освнувајќи се на проблемот со Бугарија и внесувањето на бугарската заедница во уставот тој рече:

„Ние сме за достоинствено решение, и сакаме решение, но не по цена на нашиот идентитет и по цена на погазено достоинство. Неспорна е нашата заложба за членство во Европската унија, исто како што е неспорен и нашиот ангажман во исполнување на критериумите. И ова го правиме не за да угодиме на некој однадвор, туку да си помогнеме себеси одвнатре.

Ние ќе водиме дијалог, но со блага горчина ќе се присетиме дека држави кои направија многу помалку од нас, но и без политички сопки на тој план, сега се рамноправни членки. Тој интегративен процес мора да биде двонасочна улица во кој ќе се слуша и нашиот глас. И верувам во решенија диктирани од разум, а не од силата. Решенија кои ќе создаваат и носат иднина, наместо живот во минатото“.

Тој во овие „решенија диктирани со разум, одбегна да го спомене предлогот Бугарите да се внесат во Уставот откако ќе завршат преговорите со ЕУ, а не на почетокот од тој процес“.

Мицкоски го загрижува што во опшеството „постојат елементи и субјекти во кои континуирано на маса ставаат барања кои создаваат конфликти и го напаѓаат единството… И ова е политичкиот фолклор, иако во самата суштина мотивите за ваквото однесување кон татковината се еднакви на тоа како да е туѓа, а тие истите се наоѓаат во лични интереси и лукративни цели. Смислуваат барања за да дојдат до власт која за нив значи привилегии, пари, трговски центри, империи, згради, имоти, удобства стекнати на грбот на народот… Сите сме под едно исто небо и делиме една заедничка судбина. Суштината не се политичките барања што може да се измислат, туку напорот да го направиме животот на граѓаните подобар… Ајде да зборуваме за повеќе пари за народот и економија. Ајде да отвориме дебата за економијата и како да ги решиме проблемите на граѓаните“.

Премиерот не спомена за кого беа наменети овие зборови – за ДУИ кои развиваат идеја за регионализација на Македонија; или за коалициските партнери од „Вреди“ кои ја лансираа идејата за формирање на академија на науките и уметностите на Албанците.

Коњаниците пристигнуваат на Мачкин камен (Фото: Влада)

Тој рече дека подава рака за решавање на проблемите и да се обезбеди единство за економската иднина. „Ова е само почеток на нашата економска преродба, а најдоброто допрва доаѓа“, нагласи тој.

Говорот го заврши со повик до политичките противници за единство. „Да се бориме заедно и да освојуваме големи врвови и да победуваме заедно“.

Иконографијата на Мачкин Камен беше иста каква што е со години. Коњаници кои пристигнувааат од нивните патешествија, граѓани насобрани околу оградената патека (годинава не беа во некој поголем број), положување цвеќе, музичка програма. Сето она што го гледаме претходните години. (Н.В.)