Мицкоски побарал да се одбие францускиот предлог


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по состанокот со премиерот Димитар Ковачевски изјави дека му понудил, ако го  одбие јавно предлогот,  тој  самиот да се откаже од предвремени избори и од активната блокада на Собранието. 

– Му понудив на Ковачевски да излезе и да го одбие ова кое е доставено како предлог, а јас да се повлечам од барањето за предвремени парламентарни избори. Да ги ставам сите капацитети на ВМРО-ДПМНЕ, институционално и да и помогнеме на владата во надминување на предизвиците кои оваа зима ќе се појават пред нас, кажа Мицкоски. 

Мицкоски додава дека на пролет, откако ќе измине најтешката зима, ќе треба да седнат повторно на заедничка маса со Ковачевски и да направат нова проценка на актуелната состојбата. 

– Да повторам, само треба да го одбие, додава Мицкоски.

Другата работа што му ја понудил ,како што рече, е ако Ковачевски навистина верува дека е обезбеден идентитетот во делот од заклучоците од првата меѓувладина конференција да се избришат членовите 11 и 14 и две точки од Преговарачката рамка. Двата споменати членови се  однесуваат на влегувањето на Бугарите во Уставот и на решавањето на историските прашања.

Мицкоски побара и да се избрише и делот во преговарачката рамка каде што еднаш годишно ќе се прават прегледи од Европската комисија за тоа што е сработено од решавањето на билатералниот спор.

-Му предложив да се избришат членот 11 и членот 14 од Протоколот, а потоа во Преговарачката рамка, каде имаме принципи врз кои се водат преговорите, да ги избришат членовите каде се годишните прегледи и делот каде се повикуваат на протоколот на првата меѓувладина конференција. Нека ги избришат ако ова обезбедува европска иднина, Нека ги тргнат овие четири точки. Нека останат Копенхашките критериуми како за сите земји, рече Мицкоски.

 Во врска со тврдењето на Владата дека останал чист македонскиот јазик и дека фуснотата од бугарска страна не го загрозува јазикот и идентитетот, Мицкоски рече:

-Ова не е тоа, треба на сите граѓани да им е јасно. Споредбата со црногорскиот јазик не е исто. Македонскиот јазик е кодифициран во ЕУ. Јазикот никогаш не бил проблем. Македонски јазик со кирилично писмо стои во ЕУ, во личната карта на Обединетите нации, дециден е Мицкоски. Тој нагласи дека останува на предлозите кои му ги дал денеска на Ковачевски.

 -Дадов предлог и да направиме чекор назад да застанеме во одбрана на македонскиот идентитет. Ги повикувам сите,  Македонците,  Албанците, Турците, Србите, Ромите… Нема потреба да предизвикуваме тензии, тоа го прават само корупираните политичари, рече Мицкоски.

 Тој не добил никаков одговор на барањата од премиерот Димитар Ковачевски, кои според него  се разумни.