(ВИДЕО) Мицкоски побара извинување од Чомовски зашто го поистоветил со Груевски


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во емисијата „Трилинг“ на ТВ 24 се скара со водителот и новинар Горазд Чомовски, бидејќи го спореди со Никола Груевски, па побара да му се извини.

Во текот на интервјуто водителот изнесе констатација дека Мицкоски не може да излезе од матрицата на Никола Груевски поради тоа што ги дели луѓето на „наши“ и „ваши“, наведувајќи пример од актуелната состојбата со коронавирусот во која лидерот на опозицијата вели дека нивниот здравствен тим ѝ стои на располагање на власта.

„Јас мислев дека оваа емисија ќе помине без Груевски, но очигледно толку многу сте оптоварени што не може ни оваа емисија да помине. Се надевам ќе имате можност и привилегија да направите интервју со господинот Груевски, па да добиете одговор на овие прашања“, рече Мицкоски.

На ова водителот возврати: „Немам потреба со криминалец да правам интервју“.

Мицкоски од тоа се најде затекнат и навреден, па побара извинување, со зборовите –  „Ако него го нарековте криминалец, а мене ме поистоветувате со неговата матрица, индиректно и мене ме нарекувате криминалец, па би сакал да ја искористам оваа прилика и да побарам да ми се извините“.

Веднаш по емисијата во одбрана на Мицкоски се јави лидерот на ГРОМ Стевчо Јакимовски кој преку фејсбук истури куп навреди за Горазд Чомовски, ословувајќи го како Алија Малишановиќ, порачувајќи дека се однесува како крокодил, а е само жаба.

 

https://www.facebook.com/24vesti.mk/videos/215863533023940/