Мицкоски по изборите ќе правел ресет на системот: „Ќе ја допреме вистината“

Иако неговата влада е на власт 15 месеци премиерот Христијан Мицкоски по локалните избори ќе правел „ресет на системот“. На митингот во Македонски Брод тој повторно го нападна судството.
„Моментот што го чекале генерации е пред нас, време за ресет на системот, време да ги скршиме синџирите на неправдата и да изградиме држава на правда, слобода и грижа за секого. Судството мора да биде непристрасно и непокорливо, судии кои судат според законот, а не според влијанија; институции кои штитат, а не кои молчат; процедури кои враќаат доверба, а не кои создаваат сомнеж. Правдата не смее да биде привилегија на малкумина, туку право на секој граѓанин брза, достапна и ефективна. Овој ресет ќе биде праведен, но безмилосен кон оние што го злоупотребувале народот ќе вратиме одговорност, ќе го вратиме достоинството и ќе изградиме систем на кој гордо ќе му служиме. Заедно ќе ја допреме вистината, заедно ќе ја браниме слободата, заедно ќе ги исцелиме институциите и никогаш повеќе неправдата нема да биде нашата судбина“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека најавениот ресет не е реванш, туку враќање на довербата во институциите и владеење на правото.
„Овој ресет не е реванш, туку вразумување: чесноста ќе биде мерило, отчетноста ќе биде правило, а слободата и правдата повторно ќе станат неприкосновени вредности“, истакна Мицкоски.