Мицкоски пак го смени мислењето, сега вели новата влада ќе ја разгледа можноста за враќање на цената на струјата


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар Христијан Мицкоски денеска изјави дека по формирање на новата влада ќе биде разгледана можноста за враќање на цената на електричната енергија, дури и за нејзино намалување.

„Ние веднаш по формирањето на владата ќе седнеме ќе ги видиме законските можности кои ни стојат на располагање, ќе ги поканиме и експертите на една дебата и дискусија за враќање на цената на електричната енергија, односно да ја разгледаме и можноста дури и за намалување, рече Мицкоски кој беше на одбележувањето на почетокот на работата на вториот производствен погон на фабриката Киел Македонија во ТИРЗ Тетово.

Вчера меѓутоа, одговарајќи на прашања на новинарите, Мицкоски рече дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја врати цената на струјата со тенденција да ја намали кога ќе почне новиот период на регулирање на цената, а тоа е од 1 јануари, но сега не може да интервенира.

За укажувањето од експертите дека новата влада може веднаш да понуди пониска цена по која ЕСМ ќе ја продава струјата на универзалниот снабдувач и дека може да покрива 100 проценти од потребите на потрошувачите на регулираниот пазар, а не 85 проценти како што е предвидено со одлуката на техничката влада, вчера рече дека тоа не е можно, бидејќи тендерот за набавка на струја од ЕВН е веќе распишан и треба да заврши до петок.

Денеска Мицкоски повтори дека во врска со цената на струјата, следната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има план како да го направи и намалувањето на цената на струјата.

„Имаме план, имаме начин како тоа во периодот што следи да го направиме така што граѓаните треба да бидат спокојни доаѓа влада која ќе се грижи за стандардот на граѓаните“, изјави Мицкоски, не прецизирајќи кога тоа може да се реализира.