Мицкоски пак го нападна Судскиот совет, бара да испорачаат правда


 

Одлуките кои што се носат во Судскиот совет и во Советот на јавни обвинители се одлуки на лицата коишто се дел од тие институции, а предлозите доаѓале од дел Владата, дел од Кабинетот на претседателот. Јас не сакам средби со обвинители или судии. Немам намера како Влада да владееме на тој начин што преку судии и обвинители ќе вршиме политички притисок. Сакамe правда, сакамe за тоа што се платени тоа да го испорачаат, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

За време на неговата посета во Охрид одговорајќи на новинарско прашање во врска со ниската доверба во Судскиот совет, уште еднаш повтори дека довербата во оваа институција е два проценти и оти граѓаните не го добиваат тоа за што плаќаат.

„Два проценти е довербата. Граѓаните не го добиваат тоа за што плаќаат. Таму вработените имаат плати илјадници евра, а граѓаните се чувствуваат обесправени дека не владее правдата, дека криминалци стануваат херои и слободни граѓани, без разлика дали се тоа политички или друг вид на криминалци. Затоа ние предложивме решение. Јас да имав два проценти рејтинг ќе си заминев од оваа работа, ќе се занимавав со нешто друго, значи не ме бива“, рече Мицкоски.

Тој го повтори неговиот предлог да се смени Законот и самите обвинители и судии да си изберат свои претставници во овие две институции, но напомена дека овој предлог наиде на отпор од страна на оној на кого не му одговара промената и е навикнат на истиот принцип како до сега.

„Кој создава отпор? Тој на кого што не му одговара промена, тој којшто е навикнат на принципот како до сега. Подготвени сме да разговараме. Но, не сакам да ми бараат средби ниту обвинители, ниту судии. Еве, ми бараа средби – не сакам, нема да примам никого. Треба само за тоа за што се платени“, додаде Мицкоски.

Прашан во врска со коментарите за наводно постоење на неквалификуван кадар во Владата, Мицкоски рече дека е задоволен од владиниот тим за сега, а за понатаму граѓаните ќе одлучат на изборите.