Мицкоски отиде во Белград да се види со Вучиќ


По минатонеделното лансирање на иницијативата Отворен Балкан, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, отиде во Белград да разговара со српскиот претседател и лидер на Српската напредна странка, Александар Вучиќ, за регионалната и меѓупартиската соработка. Со Мицкоски биле и потпретседателот на партијата Александар Николоски и претседателот на партијата на Србите во Македонија, ДПСМ, Иван Стоилковиќ.

Според соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, на средбата се разговарало за соработката на двете партии во рамките на Европската народна партија, европските перспективи и регионалната соработка.

„Мицкоски посочи дека потребно е регионот конечно да направи сериозен чекор во однос на борбата и потрагата за подобар живот и посреќни граѓани. Иднината на регионот не е во градење на ѕидови, туку мостови кои ќе донесат подобар и побогат живот за сите, а европското интегрирање треба да биде акцелератор на тие процеси“, стои во соопштението.

Од партијата не го споменуваат официјалното име на иницијативата Отворен Балкан, туку наведуваат дека Вучиќ зборувал за иницијативата „мини шенген“, која не смее да се гледа како алтернатива на Европската унија, туку како на начин на премостување на бариерите и развој на државите.

Во официјалната веб-страница на Српската напредна партија не се споменува дека се одржала средба на двајцата партиски лидери, ни за што се разговарало. Нема никаква информација ниту на веб-страницата на претседателот на Србија.