Мицкоски остана со празни раце во Берлин, сите бараат „храбар чекор“
Министерката за надворешни работи Бербок го повика државниот врв да донесе одлука, макар била и спротивна на јавното мислење во земјата
Додека премиерот Христијан Мицкоски праќа фотографии и твитови од престојот во најважната земја членка на Европската унија, вклучувајќи и од средбата со германскиот канцелар Олаф Шолц, од Берлин стигна не една, туку две пораки дека неговиот план да издејствува отстапки за уставните измени не поминува и дека, исто како и неколку недели претходно во Брисел, јасно му е пратена пораката да не очекува промена на условите што ги постави ЕУ за да продолжат преговорите со земјата.
Во сенка на денешното отворање на првиот преговарачки кластер со Албанија и најавата дека многу брзо може да се отвори и вториот, Мануел Сарацин, висок претставник на Германија за Западен Балкан, потврди дека Македонија била тема на некои од состаноците вчера во Берлин во рамките на самитот за Берлинскиот процес, но дека пораката што ја добил Мицкоски е дека во одлуката на Европскиот совет стои јасно што треба да направи државата за да продолжи со преговори.
Исто толку директно, пораката ја прати и германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок на прес-конференцијата со министерот Тимчо Муцунски. Таа, пред сѐ, порача дека најважните интеграциски одлуки се носат кога тие што имаат политичка одговорност ќе настапат против јавното мислење во државата!
„ЕУ е создадена и продолжува да се развива и расте врз основа на компромиси. Тоа значи да направиш и чекор назад за да постигнеш нешто подобро. Северна Македонија тоа повеќе пати го направи во минатото со промени на Уставот. Како демократија, знаеме колку е тешко да се направат уставни измени. Тоа го барав и при мојата последна посета на Северна Македонија. Но, тогаш беше во тек изборна кампања и разбрав дека овој чекор не беше можен. Сега, со изборите во Бугарија, имаме шанса која треба заеднички да се искористи. Знам дека во политиката некогаш се потценуваат шансите. Но, најважните чекори, вклучувајќи ги и интеграциски процеси, се случуваат кога тие што имаат политичка одговорност имаат храброст да настапат против јавното мислење. Заедно можеме да ги поттикнеме прашањата што се отворени меѓу Северна Македонија и Бугарија. Такви се правилата во ЕУ, засега имаме едногласно одлучување. Тоа може да се чувствува како неправда, но тоа се правилата на коишто сме се согласиле. Сè додека тие правила не се сменат, за што јас лично се залагам, тие треба да се почитуваат“, рече министерката Бербок.
Според неа, чекорот што го бара ЕУ од нас, внесувањето на Бугарите во Уставот, е „потребен, е можен и без него не може да се продолжи со пристапниот процес“, споделувајќи потоа пример дека и Бугарија се соочува со вакви условувања околу барањето да стане дел од Шенген зоната.
Муцунски возврати дека владата сака да ја движи Македонија напред, дека „има план и има посветеност“ да ги имплементира највисоките европски стандарди. Тој нагласи дека германската поддршка за проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан е огромна и дека најголем доказ за тоа се напорите што ги прави за да се елиминира билатерализацијата на процесот – околу што ја спомна иницијативата да се смени носењето одлуки за проширувањето со консензус. Според него, тоа може да биде позитивен импулс кој ќе овозможи Македонија да биде вреднувана објективно и според Копенхашките критериуми и европската регулатива.
„Ние сме свесни од потребата за компромис, но свесни сме и дека сме држава која повеќе од 30 години постојано прави компромиси и постојано се соочува со неизвесност“, се пожали Муцунски.
Оценувајќи дека треба да се биде внимателен за Македонија да не стане тема во бугарската изборна кампања, Муцунски повтори дека ќе се чека новата евентуално политичка влада во Софија за заеднички со неа да се најде решение, иако од Софија тоа упорно го одбиваат.
„Јасно ни е дека најголемиот предизвик е со Бугарија. Ќе ги почекаме изборите и во меѓувреме ќе бидеме проактивни и ќе нудиме решенија и предлози. Се надеваме дека ќе се формира политичка влада и дека ќе седнеме и заеднички ќе најдеме решенија за иднината на регионот. Интересот на Германија е стабилен и развиен Балкан“, рече Муцунски.
Тој притоа оцени дека е многу лесно да се зборува за теми што нѐ разделуваат, но вчера во рамките на Берлинскиот процес се покажало дека има многу теми што нѐ обединуваат, пред сѐ во интерес на младите генерации кои пораснале со очекувањето дека ќе се реализира европскиот сон и сега стравуваат дека тоа нема да се случи.
Бербок генерално порача дека секогаш постои шанса она што не успеало во минатото да се оствари и во Европа веќе да нема сиви зони. Таа рече дека Германија сака да ја придвижи Македонија кон ЕУ и дека земјата направила огромни чекори досега со решавањето на спорот за името и со усогласувањето со заедничката надворешна политика на Унијата. Нагласувајќи дека треба да има и други промени, таа ги спомена судските реформи, владеењето на правото и борбата против корупцијата како најважни за економскиот напредок на државата на која, како што нагласи, Германија ѝ е најважен трговски партнер.
„Внесувањето на бугарското малцинство во вашиот Устав е последниот чекор што недостасува за да ги продолжите пристапните преговори со ЕУ, иако мене ми е јасно што значи тоа за вас внатрешно-политички“, рече Бербок .
Имајќи ги пак во предвид дилемите дали вреди тоа да се направи бидејќи нема гаранции за членство во ЕУ, Бербок спомена дека ЕУ во Солун ветила дека вратата на ЕУ ќе остане отворена за Западен Балкан, дека досега тоа ветување не го исполнила и сега има одговорност кон нас да се оствари тоа.
#Info: Live at approximately 11am CEST – joint press availability with @ABaerbock and her counterpart from North Macedonia @TimcoMucunski (in Macedonian) 🇲🇰🇪🇺🇩🇪 https://t.co/FSK7zTUcko
— GermanForeignOffice (@GermanyDiplo) October 15, 2024