Мицкоски: Опозицијата го иритира народот

Премиерот упати остри пораки до неговите коалициски партнери од ВЛЕН по објавата на Билал Касами дека тие ќе гласаат за кандидатот на ДУИ, а не на ВМРО-ДПМНЕ на изборите во Кичево


Христијан Мицкоски за време на обраќањето на празникот 23 Октомври

 

Премиерот Христијан Мицкоски денеска, на прославата на државниот празник денот на ВМРО, 23 Октомври, ја нападна опозцијата велејќи дека доживеала политички нокаут и дека со „нереални математики дополнително го иритира народот“, и дека не научила ниту една лекција.

„Нема пресметка во која тие би победиле на каков било начин. Тоа покажува дека сè уште не научиле ниту една лекција, што во извесна мера е и потценување на сопствениот народ и гласачи. И сето тоа во извесна мера е и обид да создаде алиби за својот дебакл. Да го задржат лидерството од бранот незадоволство на членовите на таа партија. А на опозицијата ќе им оставаме време да се консолидираат и да размислат дали ќе се осмелат да одат на предвремени избори, кои јас не ги посакувам и сметам дека се непотребни и дека е време за резултати и голема офанзива на секој план“, рече премиерот.

Тој продолжи дека опозицијата создавала вештачки теми и „блефови“ треба да добие соодветен одговор.

„Затоа нека внимаваат што зборуваат и што посакуваат – може и да им се оствари. Последните избори испратија порака и до нивниот коалициски партнер – ДУИ. Тие добија порака од народот и Албанците дека доста беше политиканство и злоупотреба на етничките теми за лични интереси и богатење. Тие се надеваат на тоа за да се спречи падот што евидентно го имаат, а таа удолница што ја фатија е поголема од онаа што се оди од Стража кон Зајас. Тоа е добра лекција и за други политичари на македонската политичка сцена, кои мора да разберат дека за да бидеме коалициони партнери треба да се обединиме на овие избори и да поддржиме вредности, а не да се поделиме за етнички теми и прашања, низ призмата на шовинизам и слични етнички процедурални разлики. Ако тоа е така, тогаш апсолутно не ја гледам разликата нив и Али од Зајас, кои сакаат да го заменат“, рече Мицкоски можеби мислејќи на лидерот на Беса, Билал Касами, кој води по првиот круг на изборите за градоначалник на Тетово во голема мерка и поради гласовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Па продолжи со критиката до неговите коалициски партнери:

„Ниту еден од нас ги нема гласовите во својот џеб и поддршката треба да се гради со обединување околу вредности, а не низ призмата на етничка припадност и разлики. Во тој контекст, треба да се прифати дека одделни градоначалници станаа градоначалници поради волјата и поддршката на Македонците, која не треба да си дозволат да ја изневерат. Секој чекор има акција и реакција, а јас секогаш ќе се однесувам така како што е најдобро за граѓаните и државата“, рече тој.

Мицкоски посочи дека нашата земја е создадена врз идејата за заедништво.

„Мене ми е навистина жал што кај нас има фактори кои редовно пропуштаат тоа да го изградат. Така ќе биде и денес, кога ретко каде ќе слушнете честитка од нашите политички противници за Денот на револуционерната борба. Не сфаќајќи дека ВМРО како организација не ни припаѓа само нам, туку на целиот македонски народ, на сите граѓани во Македонија. Зашто ВМРО не е само страница во историјата- тоа е корен, идеал, тоа е завет. Организацијата што ја израсна оваа држава. Школата во која се научивме што значи да се биде чесен, да се биде храбар, да се биде свој“, истакна Мицкоски.