Мицкоски: Одбивам да бидам премиер, ако цената за тоа e еден плус изгубен живот од Ковид 19


Фото: Б. Грданоски

 

Предложивме план во неколку чекори. Најпрвин ако се водиме од ставот дека здравјето на граѓаните ни е најважно, тогаш ќе треба да се консултираме со Комисијата за заразни болести и да ги слушаме нивните насоки, рече Христијан Мицкоски, по завршувањето на лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски.

– Консултации со ДИК за времето да се спроведе овој фер и кредибилен изборен процес, под услов да се оствари првата точка. Трето да се консултираме со ОБСЕ и ОДИХР. И четврто, кога ќе се создат сите услови, да се одлучува за датум за евентуално одржување на избори, кои би биле кредибилни – додаде Мицкоски.

Тој рече дека одбива да биде премиер, ако цената за тоа е уште макар еден изгубен човечки живот од Ковид-19.

– Овој план беше безмалку прифатен од останатите лидери, со мали модификации, па се надевам дека следната недела кога ќе ги имаме сите податоци, ќе можеме да донесеме одлука – рече Мицкоски.

Тој смета дека не може да се лицитира со здравјето на луѓето, да се организираат избори за политичарите да добија фотелји, а од друга страна да се губат човечки животи.