Мицкоски од Бутел: Заев донесе само немир во душите на граѓаните


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска во скопската општина Бутел изјави дека владата на СДСМ пропуштила да направи горда и достоинствена држава. „Можеа ако навистина работеа и ‘Гугл’ и ‘Фејсбук’ и оној гигант во автомобилската индустрија да го донесат, можеа навистина да донесат 30.000 плата. Можеа во овие три години да направат достоинствен живот за пензионерите. Можеа ветената поликлиника овде во Бутел барем да ја почнат, ако ништо повеќе“, оцени Мицкоски.

Тој објасни што значеле спотовите на ВМРО-ДПМНЕ: „Единствено нешто што донесе Заев е само немир во душите на сите граѓани кои живеат во Македонија. Таа е суровата вистина и спотовите на ВМРО-ДПМНЕ сакаат да го покажат тоа, да ја покажат владата на СДСМ и Заев и нејзиниот неуспех“.

Мицкоски рече дека ќе докаже во наредните четри години може „чесно и честито да се работи, а Македонија да биде најдобрата држава на Балканот. Тоа е нашата цел, нашата визија и тоа е она за кое вреди да се бориш“. Освен повисоките плати, пензии, субвенции и инвестиции во проектот „Обнова“ Мицкоски додаде дека во неа „ќе најдете дека за Гоце Делчев не се преговара, тој е Македонец и уште многу други работи“.