Мицкоски очекувал Заев да даде оставка по аудио-снимката со руските комичари


 

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски очекувал покрај извинување, премиерот Зоран Заев да си поднесе и оставка по аудио-снимките во кои Заев разговара со руски комичари, а кои вчера беа пласирани во јавноста.

„Мислам дека единственото извинување што требаше господинот Заев денеска да го каже во неговата прес конференција требаше да биде содржано во две реченици, се срамам од тоа што го направив и веднаш ја напуштам функцијата претседател на Владата на Република Македонија, предлагам парламентарното мнозинство во најскоро време да се состане, да се формира техничка влада и во рамките на 100 дена од овој ден да се одржат предвремени парламентарни избори. Само тогаш ќе го видевме вистинското лице, она лице кое што треба човек после еден ваков скандал примитивен би рекол, да го направи ако сака да биде почитуван од сопствените граѓани“, рече Мицкоски како одговор на новинарско прашање, припосетата на Општина Петровец.

Тој смета дека ова само дополнително ќе ја зголеми личната агонија на Заев, „неговата лична фустрација, но и фустрацијата на граѓаните“.

„За мене е катастрофално да се слушне ова што се слушна бидејќи, како што успеав да разберам патувајќи до овде, тој не ја негираше оваа снимка, туку напротив, ја потврди нејзината автентичност и практично потврди низа работи кои што граѓаните во Македонија, но и во Европа можеа да ги слушнат, меѓу кои согласноста за поткуп на верскиот лидер, на стотици милиони православни христијани во светот, а тоа е Патријархот Вартоломеј’, рече Мицкоски.

Смета дека по таков скандал единственото извинување требало да биде оставка веднаш и распишување на предвремени парламентарни избори.