Мицкоски очекува унгарскиот кредит за компаниите да придонесе за задвижување на економијата
Премиерот Христијан Мицкоски очекува 250. милиони евра од унгарскиот кредит наменет за компаниите да придонесат за задвижување на економијата, заедно со кредитот од 250 милиони евра наменет за капитални инвестиции во општините и со директните странски инвестиции во 2024 година, кои очекува да надминат една милијарда евра.
Владата на вчерашната седница ги одобри договорите за кредитот за компаниите кои треба да значат административно поврзување и создавање партнерство помеѓу Развојната банка и комерцијалните банки.
-Очекувам таа формалност деновиве да биде завршена и компаниите и економските оператори да можат да аплицираат и да добијат европски кредит со најниски камати. Очекувам кредитната линија да создаде инвестициски бран од минимум 300 милиони евра и заедно со проектите во општините, кои се инвестициски бран за реализирање капитални инвестиции од 250 милиони евра, и странските директни инвестиции, кои очекувам во 2024 година со засилената динамика во втората половина од годината да натфрлат една милијарда евра со што по глава на жител и по процент од БДП повторно ќе бидеме најдобри во регионот, да придонесат за задвижување на економијата. Логично е сите овие индикатори и консолидирањето на буџетскиот дефицит, приходите и слично да резултираат со коригирање во позитивна нагорна линија на прогнозите на меѓународните финансиски институции за раст на македонската економија како што тоа го направи Светска банка која најпрво предвидуваше раст на економијата од 1,8, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање при денешната посета на касарната „Гоце Делчев“ во Скопје каде се одржа симулација на сајбер напад.
Доколку растот во четвртиот квартал од 2024 година биде помеѓу 3,5 и 4 проценти, посочи, растот на македонската економија ќе оди во нагорна линија и може да дојде до 3 проценти на годишно ниво, нешто што ќе ги надмине и нашите позитивни очекувања.
Нагласи дека мониторинг врз компаниите кои ќе аплицираат за унгарскиот кредит ќе имаат комерцијалните банки кои се одговорни за спроведување на кредитната линија.
-Комплетната одговорност ќе ја имаат комерцијалните банки согласно нивните процедури. Затоа тие наплаќаат камата од 1,95 проценти, а каматата што ја дава државата кон нив е со нула проценти. Во рамките на тој маневарски простор комерцијалните банки се одговорни за тоа која компанија аплицира со каков проект аплицира, појасни Мицкоски.
Посочи дека на компаниите им се нуди каматна стапка од 1,95 проценти што е повеќе од два пати пониска од онаа што е пондерирана и пазарна кај нас во државата и е околу 4,7 проценти и како ретко кога е идентична со онаа во Европа.
Прашан дали ќе се преземат мерки за брзите кредити, рече дека институциите на државата ќе преземат некакви активности ако граѓаните се чувствуваат загрозени.
-Претпоставувам дека имаат дозвола за работење и за вршење на дејноста која ја вршат, но ако јавноста се чувствува загрозена дека има нефер трговски практики и непазарно однесување на поединци кои ја вршат оваа дејност институциите на државата ќе преземат активности, истакна Мицкоски.