Мицкоски очекува поевтинување на дизелот и бензинот следната недела
На денешниот увид на работите со изградбата на мостот „Љубљанска“ на кејот на Вардар во Општина Карпош, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува поевтинување на дизелот и бензинот следната недела.
„Очекувам, според анализата на берзите како се движеа минатата недела, да имаме поевтинување на дизелот и бензинот следна недела, бидејќи тоа во Владата го анализираме и го следиме, но тоа ќе си го каже Регулаторна комисија за енергетика“, изјави Мицкоски.
Тој информираше дека се преговара и со Окта за дополнителен попуст, и повтори дека земјата има најниски цени на горивата во регионот.
Поради намалените приходи по основ на акцизи и ДДВ за горивата, Мицкоски најави нов формален ребаланс на Буџетот во текот на овој месец.
„Само по основ на акциза проценките се дека ќе недостигаат околу пет милијарди денари. Ако на тоа се додаде и стапката на данокот на додадена вредност, посебно за дизел горивото којашто е намалена, доаѓаме до бројка од 7–8 милијарди денари, којашто не може да биде покриена со прераспределба, ќе мора формално да се направи таков ребаланс“,објасни тој додавајќи дека приоритет останува заштитата на стандардот на граѓаните, а буџетскиот дефицит може дури и дополнително да се намали со кратење и на приходите и на расходите.
Во однос на најавите за проширување на дневната евтина тарифа за струја, премиерот порача дека позитивно би ја поздравил секоја реформа што е во корист на граѓаните.