Мицкоски очекува „крволочни“ напади врз него


Христијан Мицкоски, иако не го спомена по име Груевски, го прекори за договорот од Пржино (Фото: Б. Грданоски)

Со вообичаена иконографија и слични говори како на претходните маршеви, ВМРО-ДПМНЕ вечерва застана цврсто во одбрана на „уставобранителите“ и уште еднаш порача дека „мафијата на власт“ ќе одговара. Со забележливо помалку луѓе отколку на минатите протести, колоната тргна од пред Министерството за правда и заврши пред Јавното обвинителство. Главен говорник и овој пат беше претседателот на партијата, Христијан Мицкоски.

Тој, како и двајцата други што им се обратија на присутните, ги бранеа осудените за упадот во Собранието на 27 април 2017, нарекувајќи ги „уставобранители“, а Гордана Јанкулоска како невина жртва на „режимот на Зоран Заев“. Тони Менкиновски изјави дека „ќе дојде време кога ќе одговарате, ќе одговарате за велепредавство и ќе одговарате за геноцид врз сопствениот народ“, а Никола Ѓошевски, син на личниот телохранител на Трајко Вељаноски, Горан Ѓошевски, осуден на 15 години затвор, го нарече татка си „херој“, кој го бранел Уставот. Според него, тие што беа осудени во процесот на крвавиот упад во Собранието „се најголемите жртви на политички прогон во поновата историја на независна Република Македонија“.

За Мицкоски, Заев и СДСМ се „најголемиот непријатели на правдата. И токму затоа нападите кон мене се најголеми, затоа што не сум се договарал и тие ќе продолжат, ќе бидат крволочни, ќе бидат жестоки затоа што знаат дека ако преживеат ќе одговараат од првиот до последниот и тие што со нас одеа, а денеска им се верни слуги на мафијата, заедно со мафијата од прв до последен ќе одговараат за сѐ што направија“.

Тој му порача на Заев дека му ветува оти „ќе дојде ден дали со мене, без мене, жив на овој свет, ќе молиш пред овој народ. Верувај ми ќе молиш“. Споменувајќи го синот на Јанкулоска кој „дома солзи рони“, а поименично и неговите двајца синови, Мицкоски изјави дека тој не бил како неговиот претходник во партијата (Никола Груевски) кој се договорил за Пржино и дека тој со Заев никогаш нема да се договори.

Мицкоски уште зборуваше дека владата на СДСМ била на власт четири години (иако факт е дека до денеска нема ни 3,5 години, и дека новата влада веќе има два месеца, иако реалноста е дека таа е формирана пред само еден месец. Тој уште спомена дека „Чарлиевите ангели“ (алузија на СЈО) биле криминалци поради бонусите што си ги исплатиле. И дека предлогот на Судскиот совет судијката Добрила Кацарска да биде нов член на Уставниот суд бил „круната на мафијашењето на оваа власт… Какво е тоа пукање во слепоочница на правдата! Нејзиното име се споменуваше како синоним за корумпираното судство“.

Од владејачката СДСМ веднаш одговорија со кратко сооопштение во кое нагласија дека „Христијан Мицкоски и неговите малкумина приврзаници вечерва докажаа дека стојат цврсто на страната на неправдата и на криминалот на режимот. Во уште еден очаен обид да си ја задржи фотелјата во белиот дворец, Мицкоски денеска на срамен начин, насилниците од 27 април кои се обидоа да убиваат пратеници, новинари и вработени во Собранието, ги претстават како херои. Говорот на раб на плач на губитникот Мицкоски е кукање за своите порази и грешки. Тој не може да ја оствари единствената задача која му е дадена од Будимпешта – да ги спаси криминалците во сопствените редови“. (Н.В.)