Мицкоски очекува конкретизација на проектот со американската ДФЦ за финансирање на „Чебрен и Галиште“


По средбите со претставници на Американската финансиска развојна корпорација (DFC) во САД, Владата очекува во наредниот период да се доразработи концептот за нов проект, да се утврди носителот на инвестицијата и да се дефинира финансиската конструкција за негова реализација, изјави премиерот Христијан Мицкоски во емисијата „Под лупа“ на ТВ Алфа.

„Таму разговаравме за можната соработка за одредени проекти да можеме да се обратиме коишто би биле финансирани од нивна страна. Од наша страна, од моја страна беше претставен нашиот капитален проект, а тоа е проектот Чебрен и Галиште, којшто со години, со децении да бидам попрецизен, се обидуваме да најдеме приватен инвеститор, но условите на пазарите насекаде во Европа па и во светот се такви за да можеме во овој момент тој проект да го

разгледуваме како наша домашна државна инвестиција“, рече премиерот.
Тој додаде дека ДФЦ веќе е присутен во Македонија преку проектно развојно финансирање на проектот антимон односно, така што веќе имаат некакво искуство.
Мицкоски посочи дека секогаш по такви разговори тоа што следи е многу значајно и очекува во периодот што следи проектот да се доразработи кој да биде инвеститор, кој да го фасилитира тој проект.
„Така што, во скора иднина може да очекуваме нешто конкретно“, рече Мицкоски, објаснувајќи дека носител на тој проект би бил АД ЕСМ, компанија каде што Владата е сопственик и тие мора да ги почитуваат Законот за јавни набавки, да објават повик за изнаоѓање на финансиска структура којшто би го финансирал и обезбедил ресурси за тој проект.
„Јас очекувам дека на тој повик би се јавил и ДФЦ заедно со други заемодаватели, но важно е да имате неколку во коишто вие ќе го претставите она коешто сакате да го работите, а тие понатаму ќе го развиваат тој тој проект и ќе пројават интерес доколку имаат желба. Така што за мене тоа беше многу значајно и нешто коешто беше навистина суштински“, рече Мицкоски.
 
Во однос на посетата на САД, премиерот оцени дека станува збор за „исклучително силна и успешна посета“, при што ги нагласи средбите во Атлантскиот совет, разговорите со дипломатски претставници и средбите со лидери од регионот.

Мицкоски рече дека со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш разговарале за приоритетите на меѓународната сцена и оти од него добиле, како што наведе, поддршка и разбирање за фрустрациите во однос на процесот на пристапување кон ЕУ.

Во врска со критиките од опозицијата дека владината делегација во Њујорк броела околу 50 лица и дека биле трошени јавни средства, Мицкоски ги отфрли тие наводи.

– Не станува збор за такво нешто. Многу, многу помалку, можеби и помалку од половина од таа бројка беше таму присутна, рече премиерот.

Според Мицкоски, присуството на повеќе владини претставници во Њујорк било поврзано со различни настани во рамките на Генералното собрание на ОН, но и со економски средби што паралелно се одржуваат.

Тој посочи дека македонската делегација остварила средби со претставници на повеќе компании и индустрии, меѓу кои, како што наведе, воената, ИТ, автомобилската и фармацевтската индустрија.

Мицкоски го издвои и состанокот со високи претставници на Стејт департментот, оценувајќи го како средба на која биле потврдени политичките позиции на Македонија и определбата за продлабочување на соработката со САД.

Стратешкото партнерство со САД останува еден од главните надворешнополитички приоритети на Владата, истакна Мицкоски.