Мицкоски очекува ЕСМ да потпише договор со неговите „позиции“, Бектеши чека конкретна понуда


Серијалот за „позициите“ на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, односно неговите „контакти“ кои можат да помогнат во набавка на гас и мазут, продолжи и денеска, со различни гледишта на опозицијата и на власта. Мицкоски очекува позитивен исход и „испораката да почне во ноември“, додека министерот за економија, Крешник Бектеши, вели дека станува збор за договор од рангот на меморандум за разбирање, како и дека допрва се очекуваат конкрени понуди. И двајцата, сепак, се согласуват во едно – дека е потпишан таканаречен ЕФЕТ договор.

„Во текот на вчерашниот ден колку што имам информација потпишан е тој ЕФЕТ договор со кои што се тргуваат енергенси на секаде низ Европа, од страна на позицијата и АД ЕСМ“, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање дали има информација дали има напредок со позициите за набавка на енергенси кои што ги предложи ВМРО-ДПМНЕ на Владата.

Тој посочи дека компанијата треба да има состанок во петок во АД ЕСМ каде што ќе биде и официјално презентирана понудата, и доколку е се во ред треба да се потпише анекс или индивидуален договор кој што е составен дел на ЕФЕТ договорот, и врз основа на тоа што ќе биде потпишано, како што рече, очекува да започне испораката „во почетокот на ноември, па се до периодот до кога ќе го побара Владата“.

„Нормално, има законски критериуми и правила како функционира правниот систем во Македонија, сепак АД ЕСМ не е приватна сопственост, таа државна компанија. Претпоставувам таму има комисија која што ќе ја евалуира понудата. Доколку е во ред не гледам причина уште во петок да биде потпишан анекс или индивидуален договор кој што е составен дел на ЕФЕТ договорот, на овој Рамковен договор“, рече Мицкоски.

Министерот Бектеши, пак, одговарајќи на прашање на новинарите, денеска посочи дека ЕФЕТ договорот е вид меморандум за разбирање, како и дека е редовна практика во Европската унија, и дека не е обврзувачки договор.

„Ние чекаме конкретна понуда со цена, количини, начин на испорака, контрабанкарски гаранции, за нашите граѓани да бидат обезбедени, согласно регулативата која е во Република Македонија и согласно сите процедури како функционира ЕСМ во нашата држава. Кога ќе имаме таква понуда, секако дека е обврска на ЕСМ да ја одбере најдобрата, најповолната понуда, не само во однос на цената, туку и во однос на другите критериуми кои што ги наведов, како контрабанкарската гаранција за нашите граѓани да бидат обезбедени“, рече Бектеши.

За набавката на мазут Мицкоски рече дека веќе е соопштена понудата од страна на позицијата односно на кое било пристаниште во регионот цената ќе биде берзанската минус 40 долари за тон, што според него, е квалитетна понуда бидејќи на тој начин ќе се заштедат околу 10 до 15 милиони евра.

„Ако се искалкулира да речеме од Солун или Волос да се донесе во ТЕЦ Неготино, отприлика 20 евра за тон, или од Волос 40 евра за тон, тоа би значело дека некаде во Македонија ќе ја имаме берзанската цена, што е исклучително квалитетна понуда, што е во моментот некаде околу 70, 80, 90 евра во зависност од цената регулирана со Регулаторната комисија за енергетика на мазутот, поевтина. Или ако земеме во предвид дека се бараат 150.000 тона, тоа значи заштеда помеѓу 10 до 15 милиони евра“, изјави Мицкоски.