Мицкоски оцени дека Ахмети живеел како блискоисточен шеик


 

„Македонија е одземена од рацете на народот и подарена на тацна на стотина луѓе од ДУИ и измеќарите на СДСМ. Во оваа земја со слабата власт на Ковачевски, стопан стана Али Ахмети. Падна митот за Али што владееше во ДУИ дека сите краделе, ама ете само тој бил чесниот. Падна митот во моментот кога гледаме како негови роднини 20 годишни деца купуваат зграда среде Скопје од неколку десетина милиони евра. Падна митот за чесноста на Али во моментот кога го видовме дворецот во кој живее, како некој блискоисточен шеик“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашниот митинг во Струга.

Мицкоски нагласи дека овие избори се и за тоа дали ДУИ ќе продолжи да владее или ќе оди во опозиција.

„Дуизацијатана Македонија не значи само девастирање на институциите и системот, туку и одземена контрола на народот над државата. И кога ќе речам народот, тука мислам на сите граѓани на Македонија. Затоа што сите подеднакво страдаат од тоа што тандемот Ковачевски-Ахмети ѝ го прават на Македонија“.

Мицкоски побара граѓаните да излезат масовно на избори и да ја изберат Гордана Силјановска-Давкова за претседател на Македонија. „Изборот на Гордана за претседател е избор за горда Македонија, држава која ќе се води со знаење и со ставови. Човек со свое обележје и лидер кој ќе ја преставува и брани Македонија во светот“, изјави Мицкоски.