Мицкоски обвини сѐ на куп: СДСМ се лажни Европејци, во опозицијата има лакеи, во медиумите полусвет

Според лидерот на опозицијата во последниве пет години на Македонија ѝ се случувала најразорна атомска катастрофа, а партијата која е извор на сите порази и предавства е - СДСМ


Христијан Мицкоски во Ташмаруништа

 

Малку зборови за Илинден, но многу реченици за власта, за нејзиното наводно предавство. За лакеи во опозицијата и што уште не.

Вака денеска ги кнципира говорот претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за време на одбележувањето на Илинден во струшкото село Ташмаруништа. За да ги отфрли наводите дека ВМРО-ДПМНЕ е антиевропска апртија Мицкоски дури зборуваше за напади на поранешниот француски амбасадор, Кристијан Тимоне, од, како што рече „владините гласноговорници“ кога Париз стави вето за Македонија и побара измена на методологијата за пристап кон ЕУ.

Според Мицкоски, „власта преку која сака да постигне две значајни цели за неа. Првата, да ја обвини Европската унија и меѓународната заедница дека тие се виновни за ова што ѝ се случува денес на Македонија, а не неспособноста, поданичкиот и предавнички карактер на власта. И втората цел е да го нападне ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата дека недоволно се бори за македонскиот национален идентитет“.

Тој рече дека „во овие пет години оваа власт е најразорната атомска катастрофа која Македонија не само во економски, туку во политички контекст ја уназади децениски, правејќи штета по нашите стратешки позиции за кои ќе бидат потребни нови децении заедничка битка да се повратат“. Мицкоски го спомена и француското вето од 2019 година: „Ќе ве потсетам на нападите во медиумите од страна на владините гласноговорници кон поранешниот француски амбасадор, г-динот Тимоние кога Франција бараше измена на претпристапната методологија, или пак месеците потоа кога цела Европска унија и врвните политичари од ЕУ беа виновни затоа што добивавме вето“.

Мицкоски образложуваше како се напаѓала неговата партија: „Втората цел на власта е да го нападнат ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата дека недоволно се бори за македонскиот национален идентитет преку сопствените инсталации во опозицијата и помеѓу македонскиот народ, а кои се ништо повеќе од полусвет. Не смееме да конзумираме од измамите на власта и нивните лакеи во опозицијата. Не е виновна ЕУ за ова што денес ѝ се случува на Македонија и македонскиот народ, виновникот има име и презиме, Пендаровски, Ковачевски, Османи, Заев итн…, а политичката партија која што е извор на сите овие порази и предавства има име и се вика Социјалдемократски Сојуз на Македонија“.

Тој посочи кој бил „полусветот“, како што го нарече: „Тој полусвет се отпадоците на власта, најдобрите чираци на срамното сценарио на релативизрање и рушење на секаков отпор. Еден грст платеници, друг грст уценети одработувачи кои ќе сакаат да внесат сомнеж во секој еден кој се бори против предавствата и болната реалност. Бидете претпазливи, тие не се моќни за победа, но имаат сила да внесуваат сомнеж во секоја прогресивна сила која се бори за Македонија. Најдобриот одговор на сето ова е обединувањето“.

Зборувајќи за референдумот Мицкоски рече дека тој значи „отфрлање на асимилацијата која тие ја прифатија, е добра можност оваа елита да покаже колку го вреднува ставот на народот дури и тогаш кога поинаку мисли од него. Бегството од референдум на владата е бегство од народот и доказ за тоа колку големо предавство ѝ прават на својата земја и на својот народ. Референдумот е огледалото на нивната немоќ, на нивниот морален хазард… Јавно повикувам да поддржиме референдум, сите заедно да повикаме и на народот да му дадеме шанса да донесе одлука. Нема промена на уставот под овие околности, по ниту една цена“.