Мицкоски објави дека има ново парламентарно мнозинство од 61 пратеник


Заедничка фотографија на новото мнозинство

Беса ја напушти коалицијата со СДСМ и премина на страната на ВМРО-ДПМНЕ. Дали прегласувањето во Желино била главната причина или тоа бил  подготвуван потег

 

Со две фотографии и кус текст на својот Фејсбук профил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, објави дека во Собранието е формирано ново парламентарно мнозинство од 61 пратеник.

„Новата иднина доаѓа, ново време и нова надеж. Нѐ чекаат силни предизвици, свесни и благодарни за поддршката заедно ќе успееме. Македонија ќе успее! Имаме ново парламентарно мнозинство“, пишува Мицкоски во пораката на Фејсбук.

Според фотографиите може да се види дека во тоа мнозинство влегуваат ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Алијансата за Албанците, Алтернатива и Беса.

Освен Мицкоски, на фотографијата од страна на ВМРО-ДПМНЕ е потпретседателот Александар Николоски, првиот човек на Левица, Димитар Апасиев, генералниот секретар на Алијансата, Арбен Таравари, генералниот секретар на Беса, Арјанит Хоџа, претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, и пратеникот од Алијансата за Албанците Халил Снопче.

Ова е драматичен пресврт во настаните од последните неколку дена, кога сите коалициски партнери во досегашната влада на Зоран Заев објавуваа дека коалицијата е единствена.

И тогаш дојде одлуката на ДИК за прегласување на едно избирачко место во Желино, каде што беше избран градоначалник од Беса. Дека прегласувањето во желино миоже да ја урне владата луто најави министерот за земјоделство Арјанит Хоџа, кој изјави:

„Јас нема да седам на иста маса во влада со министри од ДУИ. Можеби мојот став е емотивен како што вели Али Ахмети, но јас ќе речам дека е принципиелен бидејќи нема да дозволам натамошно непочитување на Беса како коалициски партнер“. 

Тој рече дека бил човек кој се раководел од принципи, а потоа за само неколку часа од една страна премина на друга – од владата кон опозицијата.

Беса на последните избори беше на заедничка листа со СДСМ и на ланското гласање доби четворица пратеници, а сега со изборот на Билал Касами за градоначалник на Тетово има тројца.

Вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека неговата партија е за брзи парламентарни избори затоа што ново парламентарно мнозинство нема да реши ниеден проблем. Очигледно нешто се сменило во последните 24 часа. Дали случајот со прегласувањето во Желино беше само покритие за настаните што ќе следат засега не е јасно. (Н.В.)