Мицкоски: „Ние учевме од нашите грешки“


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во Пласница изјави дека програмата на партијата за изборите ја правеле Кедев, Николов, Силјановска, Каракамишева, Спасеновски, Климовски, Славески, Андреевски, Лазаров…

 

Внимателно оценувајќи дека претходните влади на ВМРО-ДПМНЕ имале грешки и дека не сака да ги амнестира, лидерот на партијата Христијан Мицкоски, поладнево изјави дека – „ние учевме од нашите грешки“. Зборувајќи на собирот во Пласница Мицкоски оцени дека последните три години биле најлоши во поновата историја.

„Не ги амнестираме ни грешките што во претходните влади ги правеше ВМРО-ДПМНЕ, иако имаше многу добри работи. Но ние учевме од нашите грешки. Внимателно го слушав секој еден од вас, внимателно слушав што ме мачи, што ве тишти и кога ќе ја добијам можноста да не ги повторувам тие грешки. Од тие грешки да извлечам поука и да се корегирам како претседател и да ги поучам луѓето што ќе бидат во парламентот и што ќе вршат одредени функции да не ги повторуваат истите тие грешки. Учевме овие 30 месеци, не беше лесно имаше многу критика, но како што велат, критика од татко, мајка, брат, сестра, не боли туку те прави посилен“, рече Мицкоски.

Тој соопшти кои луѓе ичествувале во составувањето на програмата за обнова на ВМРО-ДПМНЕ. „Кога ја составувавме програмата во здравството со академик Кедев и доцент доктор Николов многу време посветивме како таа да изгледа. Заедно со професор Силјановска, Каракамишева, Спасеновски, Климовски, и со професор Славески, Андреевски, Лазаров со многу претставници на реалниот сектор. Ние чуда не ветуваме не сме волшебници тоа е невозможно“, нагласи Мицкоски.

На пласничани тој им рече дека наредните четири години ќе „можеби ќе бидат најдобриот мандат, затоа што точно знам како до најмалку 25 проценти повисока просечна плата во еден мандат. Само за илустрација нашиот политички противник во 2016 ветуваше живот, па 30.000 денари просечна плата и што ли уште не. Во април оваа година просечната плата е 25.800 денари. Во мај 2017 година пред точно 3 години кога ја презедаа владата просечната плата беше 22.800 денари. Со сиот интервенционизам со целата репресија што ја прават врз работниците и работодавачите успеаа само 3000 денари да ја зголемат просечната плата“.