Мицкоски: Ние не сме како соседите, шириме енергија што обединува


Гоце Делчев е столбот на современата македонска држава и е Македонија и не треба да биде предмет за какви било преговори и разговори, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по положувањето цевеќе на гробот на Делчев во скопската црква „Свети Спас“ по повод 117-годишнината од неговата херојска смрт.

-Гоце Делчев беше човек, кој обединуваше и имаше визија, беше и ќе остане Македонецот врз основа на кој ние ќе се сеќаваме на минатото и врз основа на тоа минато ќе ја градиме и иднината. Тоа е човекот кој обединуваше, која загина за независна и суверена македонска држава, човекот кој практично е Македонија и е човекот врз основа на кого се темели современата македонска држава. Ќе го продолжиме неговото дело да обединуваме, а не да разединуваме, изјави Мицкоски.

Ние, додаде, не сме  како некои наши соседи во предизборна кампања да ги злоупотребуваме имињата на нашите дејци кои крвареле и животот го положиле за оваа држава, напротив се гордееме и сме горди Македонци што сме имале таков јунак во нашата историја и врз основа на таа историја ја градиме иднината.Тие што се закопани во минатото нека останат таму во минатото на делби и поделби. Ние сме тука да шириме енергија која ќе обединува и не само во Македонија, туку и пошироко ќе ги обединува сите балкански народи, рече Мицкоски.