Мицкоски: Ни треба честит човек да стои на браникот на државата, а Силјановска е нашиот гарант за тоа


На четвртиот ден од предизборната кампања за претседателските избори, кандидатот Гордана Силјановска Давкова и коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ вечерва одржаа митинзи во Виница и Кочани.

Обраќајќи им се на граѓаните на Виница, Силјановска рече дека во земјава недостига демократија затоа што се спроведува волјата и интересите на тесна група луѓе од власта, која воопшто не води сметка за проблемите на граѓаните.

-На гласачките кутии се решаваат проблемите, а не низ интригите и со кршење на правата што се случуваат секојдневно. Суспендиран е Парламентот, а во него е суспендирана опозицијата, немаме поделба на власта, имаме послушна и неквалификувана администрација. Демократијата допрва треба да се гради во оваа земја. Голема опасност е ако во една ваква недемократска држава сите три власти се најдат во едно место, во исти раце. Тоа може да бие во рацете на само неколкумина или дури можеби и на еден човек. Без поделба на власта, без спреги и кочници не може да има демократија. Затоа е најдобро претседателот да го избирате вие, граѓаните, а не тие во Собранието. Ако ме изберете мене, го давам мојот збор дека нема да трчам по привилегии затоа што во сиромашна држава претседателот треба да сочувствува и да ги разбира граѓаните, истакна Силјановска.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски побара поддршка од виничани за кандидатурата на Силјановска Давкова, за да се исполни сонот за Македонија во кој државата и граѓаните ќе се ослободат од неправдите и криминалите на актуелната влада

-Заев и неговиот кандидат за претедател, зборуваат за три работи. Дека ќе донеле правда, дека блескале секаде во светот и третата работа е дека оделе напред. Не е правда кога од овде, од Виница, во еден ден ќе заминат преку 400 луѓе надвор од Македонија. Затоа мора работите да се променат, за што ни треба вистински човек. Ни треба човек за којшто знаеме дека ќе биде вистински заштитник на интересите на граѓаните, човек којшто со сето свое животно искуство го гарантира тоа. И кога во 2004 година застана на браникот против наметнатата територијална распределба, и денеска кога Македонија се распарчуваше, продаваше и делеше повотрно застана на браникот на истата, истакна Мицкоски.

На митингот во Кочани, Силјановска рече дека несфатливо е колку лесно е распродаден македонскиот идентитет за туѓи интереси.

-Сега ќе имаме Македонски театар, ама не може да има Македонска академија, Македонски балет и ли Македонска филхармонија. Тоа е целосна конфузија, што значи дека некој ја негира нашата национална припадност, односно како што слушаме од соседството, ни го признаваат правото на индивидуално самоопределување, но не и на колективно и национално самоопределување, рече Силјановска.

Зборувајќи пред кочанци, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека победата на претседателксите избори, ќе наметне брзо организирање и на парламентарни.

– Од север до југ, од исток до запад во државата, тешко и мачно се живее. За да дојде до промена и до нови парламентарни избори потребна ни е победа на претседателските избори. Ова не се само претседателски избори, ова е многу повеќе од тоа, за да се означи конечен крај со остатоците од транзицијата. Ова треба да биде крај за криминалците во Република Македонија, рече Мицкоски и повика на масовно излегување на изборите и давање поддршка за Силјановска.